Во МНТ се подготвува „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓорѓиев

Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките за новата претстава „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев.
Според драматургот на претставата Дарко Јан Спасов „Најкратки драми на светот“ како наслов на оваа театарска претстава е позајмен од истоимената збирка кратки пиеси издадена пред точно 20 години и е приредена од театрологот Јован Ќирилов.
Од изборот на четириесеттина пиеси од исто толку автори, издвоени се единаесет кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат една заокружена сценска слика – калеидоскоп низ кој се прави пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век, а чии врзивни елементи се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, времето како не(с)фатлива категорија, општата состојбата на апсурд. Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и др. автори, од својата „неконцизна“ основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата.


Во претставата играат: Снежана Коневски – Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски.
Сценографското решение е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска – Христовска, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а изборот на музиката се на режисерот и драматургот.
Премиерата е закажана на 25 – ти ноември на малата сцена во МНТ со почеток во 20 часот, а првата реприза е на 29 – ти ноември. Билетите за премиерата и следната изведба се пуштени во продажба преку онлајн системот и на билетарницата во МНТ.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Азиска премиера на „Врба“ : ВО ТАЈПЕЈ РЕДИЦИ ЗА АВТОГРАМ ОД МАНЧЕВСКИ

Час и половина чекаше тајванската публика во 20-метарска редица за автограм од режисерот Милчо Манчевски. …