Денес е спомен на Преподобен Харитон Исповедник – основач на три манастири во три земји

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 28 септември- Преподобен Харитон Исповедник.

Угледен и благочестив граѓанин во градот Иконија. Задоен со духот на својата сограѓанка Текла, Харитон јавно го исповедаше името на Христa. Кога почна лутото гонење на христијаните во времето на Аврелијан, Харитон веднаш беше изведен на суд пред хегемонот. Судијата му рече да им се поклони на боговите (т.е. на идолите), на што Хaритон му одговори: „Сите ваши богови се бесови, коишто се струполени негде заради гордоста во најкрајната темнина.“ И sветиот Харитон јасно ја објави својата вера во Единиот жив Бог, Создателот на сè, во Господ Исус, Спасител на сите луѓе. Тогаш хегемонот нареди и го биеја и го измачуваа телото на Харитон во толкава мера што целото му го прекрија со рани, така што целото беше како една рана. После ненавидната смрт на Аврелијан, којашто во тоа време го стигна злосторникот, Харитон беше ослободен од маките и од затворот. Тој тогаш се упати во Јерусалим. На патот го фатија разбојници, од кои по Божја Промисла се ослободи. И не сакаше повеќе да се враќа во Иконија, туку се повлече во Фаранската пустина, каде што основа обител и собра многубројни монаси. Откако ѝ даде типик на оваа обител и сакајќи да ги одбегне човечките пофалби, тој се оддалечи во една друга пустина кон Ерихон, каде повторно со време беше основана друга обител, наречена Харитонова. Најпосле основа и трета обител, наречена Сукиска или на грчки Стара Лавра. Се упокои во длабока старост и се пресели во славата на својот Господ на 28 септември 350 година. Неговите мошти почиваат во неговата прва обител. На свети Харитон му го припишуваат составот на чинот за монашки потстриг.

Светиот пророк Варух
Ученик и верен пријател на великиот пророк Јеремија. Им го прорече на Евреите враќањето од вавилонското ропство, потоа пропаста на Вавилон и доаѓањето на Божјиот Син на земјата. Се мисли дека е убиен од Евреите во Мисир како што заврши и пророкот Јеремија, во 7 век пред Христа.

Светиот маченик Марко, овчар
Во времето на Диоклецијан, некој Магн, антиохиски хегемон, појде со војниците во лов. Гонејќи некаква ѕверка, војниците видоа дека ѕверката прибегна кај овчарот Марко, којшто овде го чуваше своето стадо. И почна ѕверката да се умилкува околу Божјиот човек Марко. Кога го видоа тоа, триесеттемина војници поучени од Марко поверуваа во Христа. Хегемонот го врза овој човек, го одведе в град и ги повика тројцата браќа ковачи: Александар, Алфеј и Зосим, на кои им порача да направат мачителски справи за Марко. Но, тие сите тројца позборуваа со свети Марко и од него ја примија верата Христова, па му ја откажаа нарачката на хегемонот. Хегемонот ги осуди на смрт и нареди да им стават во устата топено олово. На светиот Марко, пак, потоа му беше отсечена главата и положена во храмот на Артемида, поради што тој храм со Божја сила се сруши.

Собор на Киево-Печерските светители
Благословеното дело на подвижништвото, кое започнува со трудољубивиот голем Божји подвижник Антониј, преизрасна низ вековите во многуплодна маслинка. Многубројните светители, коишто во овие пештери на Антониј заблескаа како ѕвезди, се празнуваат лично секој во посебен ден. Под денешниот датум пак, се споменуваат сите соборно и се повикуваат на помош на верните.

Светиот маченик Вацлав, крал чешки
Внук на света Људмила. Иако крал, се подвизуваше во верата слично на големите подвижници и го утврдуваше Православието кај својот народ. Строго внимаваше на суд да не пострада некој невин. Заради ревноста кон Христа и љубовта кон ближните, свети Вацлав купуваше незнабожечки деца од оние што беа продавани како робови и веднаш ги крштеваше и ги воспитуваше како христијани. Го преведе Евангелието по Јован на чешки јазик. Ги пренесе моштите на свети Вит и на својата баба света Људмила во Прага. Неговиот брат Болеслав го повика на гости и го уби во својот дворец. Веднаш потоа Болеслав почна да води Германци за свештеници и да воведува служба на латински јазик. Свети Вацлав пострада во 935 година. Моштите му почиваат во Прага.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска е спомен на Светите маченици Сергиј и Вакх: Празник кој носи зима, ова никако не смее да се прави!

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 октомври. Овие Свети и прекрасни маченици …