Промоција на книгата за деца „Веселата зграда“ од Ана Голејшка Џикова и Драш денеска во „Литература.мк“

Денеска (среда, 9 октомври), со почеток во 18.30 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ќе се одржи промоција на новата книга за деца „Веселата зграда“ од авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторот Драган Китановски – Драш.
Сликовницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ преку веселите стихови на поетесата Голејшка Џикова и разиграните илустрации од графит-артистот Драш, ни раскажува за жителите на една зграда со седум ката. Во неа, кат по кат, нè запознава со: учителката во пензија Ката, Молња и Громче, елекричарот чичко Ват, Јасна, Перо и нивниот мачор Неро, со младиот сликар, магичната Вера, кученцето Луна и семејството гулапчиња.
Промоцијата ќе почне во 18.30 часот со работилница за деца, на тема „Обој ја својата весела зграда“, на која дечињата ќе дадат свое, шарено видување на зградата од приказната на Ана и Драш. Во продолжение ќе следува официјално претставување на книгата со авторката и илустраторот.
Промотор на „Веселата зграда“ ќе биде Милан Дамјаноски, доцент по англиска книжевност на Филолошки факултет „Блаже Конески“ и рецензент на книгата.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

“Будење на свеста” од Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ ќе го освојува светот

Книгата доби своја англиска верзија и ќе биде промовирана на Саемот на книгата во Франфурт …