(ФОТО) Наскоро старт на тинејџерската тв-серија „Гласна куќа“: „Задолжителна и за родителите!

Модерната македонска тинејџерска телевизиска серија „Гласна куќа“ која ќе почне да се емитува во крајот на октомври на националната телевизија „24“ освен за тинејџерите, ќе биде задолжителна и за родителите, вели Виолета Дамевска-Ѓоргиева, продуцент на проектот.
Дамевска Ѓоргиева претходно како продуцент работеше и на театарските проекти „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, „Госпоѓа Министерка“, „Брачна игра“ и на последните две сезони од забавната ТВ емисија „Вртелешка“.
„Не само што сметаме дека ќе ја гледаат, туку како родител сметам дека е оваа серија е задолжителна и за родителите, бидејќи содржината на проектот е многу искрена и реална. Така ќе им помогнеме на родителите да ги запознаат своите деца и нивната реалност, нивните желби, стравови и предизвици одблиску“, вели Дамевска-Ѓоргиева.

„Гласна куќа“ е првата тинејџерска сит-ком серија која се снимаше во Македонија во продукција на КМK продукција. Во серија глумат децата од Актерската школа на Весна Петрушевска. Сценариото е на Димитар Банов, а режијата е на Петрушевска. Серијата е плод на работата на првата генерација ученици во актерската школа на првенката на Македонскиот народен театар. Преку овој проект младите ќе имаат можност да ги покажат своите знаења кои ги стекнале преку предавањата во школата.
Виолета Дамевска-Ѓоргиева во друштво со Весна Петрушевска
„Во ‘Гласна куќа’ како тема се обработува пријателството, а преку ликовите во серијата актерите ќе имаат можност да бидат гласот на младите кога станува збор за образованието, љубовта, родителите, тинејџерски проблеми, како и за нивните потреби, желби, стравови“, вели продуцентката на „Гласна куќа“.

Актери кои глумат во серијата веќе четири години ги изучуваат тајните на оваа професија. Тие веќе беа дел од  „Нашата љубов“, претстава која беше успешно поставена на малата сцена на МНТ и за која имаше владееше големо интересирање.

„Верувам дека преку овој проект ќе реализираат уште поголем успех, бидејќи искрено го заслужуваат. Тоа се деца кои несебично се вложуваат во секој проект, деца кои не ги мрзи да учат, деца кои сакаат да читаат и со сета своја чиста љубов кон глумата создаваат производи кои ќе останат за пример и за наредните генерации. Впрочем, овој проект е и инспириран од широкиот дијапазон на карактери кои ги имаат децата кои ја посетуваат школата како и нивните различности создадени од предизвиците кои им ги наметнал животот“, вели Дамевска-Ѓоргиева.

Продуцентката на „Гласна куќа“ објаснува зошто сметале дека е потребно да се реализира еден ваков тв-проект чија целна група се тинејџерите.
„Соочени со реалноста и недостигот на телевизиска програма специјализирана за тинејџерите сметавме дека е крајно време некој да се позанимава и со оваа категорија на гледачи. Тинејџерите се големи уживатели на телевизијата и сметавме дека е и општествено одговорно нашиот проект да го посветиме на нив. Веруваме дека несоодветната содржина за тинејџерите може да предизвика девијантни промени кај младите и искривување на реалноста за што веќе сме и сведоци“, потенцира Дамевска-Ѓоргиева.

Промоцијата на „Гласна куќа“ ќе биде на крајот на октомври на телевизијата „24“. Досега се снимени 10 епизоди, а по излегувањето во етер и мал одмор од продукцијата најавуваат дека ќе почнат со подготовки за втората сезона која веќе има и свој облик.
Освен децата актери во „Гласна куќа“ ќе гостува и славниот Игор Џамбазов кој на инстаграм напиша:
Заврши снимањето на првата тинејџерска серија „Гласна куќа“. Нови ѕвезди се раѓаат, старите ѕвезди статираат…животче.
Џамбазов во серијата ќе го игра таткото на децата близнаци.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) САРА Е „БОМБА“ НА ИНСТАГРАМ А ВО ЖИВО НЕПРЕПОЗНАТЛИВА: Се појавиле фотографии а со нив и болната вистина!

Често се заморуваме од перфекцијата на Инстаграм, поради што секогаш сме воодушевени од жени и …