Денес се слави Рождество на Пресвета Богородица: Жената која го роди Спасителот од нејзиното пречисто и девствено тело

Македонската парвославна црква и верниците денес го славаат Рождеството на Пресвета Богородица…
„Твоето раѓање Богородице Дево, радост му јави на целиот свет, зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш; уривајќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен.

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко ѝ беше од племето Давидово, а мајка ѝ од родот Аронов. И така Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Кој од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семоќниот Бог Кој гледа сè ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, која подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а по три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Се верува дека ако на овој празник е ведро, сонцето ќе се смешка и во текот на есената, а и во зима. Жените на овој ден не смеат да средуваат низ дома, да перат облека и други слични секојдневни работи.
Постои верување дека на Мала Богородица не треба ништо да се работи од работите со раце. На денешен ден не е пожелно да се почнуваат никакви работи, и тие да се одложат за некој од наредните денови.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска е спомен на Светите маченици Сергиј и Вакх: Празник кој носи зима, ова никако не смее да се прави!

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 октомври. Овие Свети и прекрасни маченици …