Славниот Фатих Акин гостин на „Браќа Манаки“

Денешниот фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ поминува во знакот на средбата со славниот режисер Фатих Акин и неговиот кинематографер Рајнер Клаусман. Пред специјалната проекција на неговиот најнов филм „Златна ракавица“, која се одржа синоќа во Центарот за култура во Битола, голем број негови обожаватели дојдоа да се поздрават и да се сликаат со својот омилен режисер. Тој пред проекцијата се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ за поканата и рече дека првите сцени се снимени во еден кадар

Тој особено беше воодушевен што и Едвард Лакман дојде на проекцијата, па му се обрати од сцената

-Мене ми е голема чест што филмот „Златна ракавица“ ќе биде прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“. Ед Лакман е моја инспирација и би сакал да кажам дека вашата работа како филмски творец беше инспирација конкретно за овој филм бидејќи една од актерките од филмот „Paradise love“ ја избрав да глуми во овој филм. Има многу да се зборува за кадрите, снимањето, времетраењето на снимањето, но гледајте на него како на студентски филм и уште повеќе како на спорт, рече Акин.

Денес напладне под модераторство на Гена Теодосиевска се одржа мастер-клас со исклучителните гости на 40. издание на „Браќа Манаки“, режисерот Фатих Акин и кинематограферот Рајнер Клаусман, кои работат како тандем повеќе од 15 години. Заради големиот интерес на филмофилите и почитувачите на делата на овие врвни мајстори на филмот, закажаната средба во Малата сала на Домот на културата беше префрлена во Големата сала, па околу 200 присутни можеа да ги слушнат мислењата на Акин и Клаусман и да дебатираат со нив по синоќешната проекција на нивниот најнов наслов, контроверзниот треш-хорор „Златна ракавица“.

Акин и Клаусман имаат снимено 8 играни филмови како тандем, почнувајќи од „Солино“ во 2002 г. Со „Со глава низ ѕид“, „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум Берлин“ и „Од никаде“ Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин… Клаусман – многу добро познато име во светот на кинематографијата со „Падот“ на Оливер Хиршбигл (сторија за последните денови на Хитлер со извонредниот Бруно Ганц) – последнава деценија и пол снима исклучително само со Акин. Во 2017 година ја доби „Сребрената камера 300“ на „Браќа Манаки“ за „Од никаде“, а минатата година беше член на жирито за филмовите во компетиција.

Потсетувајќи ги присутните за развојот на кариерата на Акин, кој во светот на филмот влегол како актер, а потоа продолжил како сценарист, режисер и продуцент, Теодосиевска ги запраша за нивната прва средба. Акин гио запознал Клаусман кога имал 21-22 години, кога се обидувал да направи актерска кариера во средината на 90-те години.Клаусман беше мошне директен со упатствата на сетот и јас го запзонав мојот кинематографер, бидејќи беше иновативен“, вели Акин.

Клаусман, пак, сеќавајќи се на нивната прва соработка вели дека забележал дека Акин бил многу бистар како актер и брзо работел.

Но, нивната прва заедничка работа како тандем режисер-кинематографер се случила на снимањето на третиот автоски филм на Акин, „Солино“.Мене ми е многу битно да работам според мојот ритам, а Акин беше многу љубопитен за сè околу камерата и бргу учеше“, вели Клаусман.

Одговарајќи на прашањето на модераторката Теодосиевска како тече нивниот прв ден на снимање, Акин и Клаусман велат дека многу брзо се согласуваат околу евентуалните измени на сетот.

Пријателството со Клаусман трае многу долго, ние сме како во брачна релација. Сакам да учам нови работи, сметам дека надобрите нешта што можат да му се случат во животот на човека се различните искуства. Кога романот „Чик“ стана бестселер, многу сакав да го екранизирам, но филмскиот проект со наслов „Збогум Берлин“ веќе имал режисер. Меѓутоа, шест недели пред да започне да се снима, режисерот отпаднал, па ме ангажираа мене. Филмот веќе имал формирана креативна екипа, се друг кинематографер. Почнав да го снимам, но по три недели и по сложена правна постапка – бидејќи договорите беа потпишани – успеав да го добијам Клаусман како кинематографер во екипата. Убаво е да си „во брак“ со Клаусман, низ смеа објаснува Акин.

Говорејќи за режисерската постапка во нивниот најнов филм „Златна ракавица“, Акин објасни дека филмот го снимал според романот. Инаку, настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во соседството на Аким, а неговиот чичко му бил прв сосед на Франц Хонка.

Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни. Прашував психолог што имало во главата на овој убиец, а тој ми одговори – ништо!, објасни Акин.

Акин и Клаусман објаснуваа и детали за сценографско-кинематограферско-режисерските решенија околу стеснетиот простор на руинираниот тавански стан во кој главно се одвива хоро-драмата во „Златна ракавица“.

Сценографското решение за големината на станот е за околу 1 метар пошироко од оригиналниот, меѓутоа како што ги снимавме сцените, така го стеснувавме просторот со поместување на ѕидовите, вели Акин.

На прашањето како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да делува цели 5 години, и дали таков случај може да се повтори денес, Акин вели дека верува дека може.

Приказната хронолошки започнува во 1968 година, тоа е таа бунтовна генерација, меѓутоа само во круго на факултетски образувани млади луѓе и интелектуалци. Во оваа сторија имаме ниска класа која е потоната во алкохолизам во намерата да се заборави минатото и Втората светска војна. Јас и ден денес живеам во истиот тој кварт, за разлика од порано, кога беше третиран како гето на имигранти, денес е фенси дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на примедбите на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан, бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат, смета Акин.

Акин, кој моментално работи на мини-серија за животот на легендарната актерка во Европа и Холивуд од 30-те години на минатиот век Марлен Дитрих, смета дека некогаш карактерите ја водат сторијата на филмот, а некогаш приказната ги формира карактерите.

Околу искуството со работата со светската актерска ѕвезда Дијане Кругер (ја стекна славата со улогата на Елена во „Троја“) во „Од никаде“, Акин искрено вели дека таа на некој начин ја спасила неговата кариера, која во тој момент имала надолна линија. Но, од друга страна, и Акин на некој начин ја спасувал нејзината кариера во тој период.

На прашањето за насилството во неговите филмови, Акин вели дека тоа не може да се избегне како сеприсутно во нашето окружување, кој посочува дека како млад човек сакал гангстерски филмови.

Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа, бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други, вели Акин.

Во разговорот што траеше час и половина се вклучи и кинематограферот Едвард Лакман, лауреат на годинешното издание на „Браќа Манаки“, кој на Акин и Клаусман им порача:

Снимајте на филмска лента!

На тоа Акин му одговори дека многу би сакал да снима на филмска лента, но денес киносалите се веќе полупразни и публиката е навикната на дигиталната слика, а продуцентите постојано ги намалуваат буџетите. Лакман, сепак, им даде практични совети како да ги задоволат продуцентите, а сепак да снимат филм на лента.

Директорката на фестивалот и селектор на Докментарната програма, Гена Теодосиевска на денешната прес конференција ги претстави режисерот Арто Халонен и Јонас Пулканен , кинематографер на документарниот филм „Назад кон светлина“. Филмот раскажува приказна за трговија со луѓе, пренесена преку Мариса, девојка која аплицира во адвокатска канцеларија за работа, а одеднаш завршува во Тунис. Едно потресно сведоштво за искуството на девојката киднапирана од човек кој тоа го сторил повеќе од десет пати во Финска и ги носел девојките во Тунис каде ги претворал во сексуални робинки.

-Дел од филмот ја прикажува терапијата на Мариса која преку сликање си помогна да се врати во нормалниот живот. Таа користеше одредени бои за да ги прикаже чувствата, а јас подоцна ги користев истите бои како структура во филмот. Боите неа и помагаа бидејќи сите моменти се врзани со некоја одредена боја, а ние со директорот на фотографија создававме колор структура врз основа на нејзината терапија со бои, откри Халонен.

Арто Халонен сакал фиктивни моменти во филмот и тогаш не може да се процени дали актерката е вистинската протагонистка или не. Има битна сублимација на двете личности.

-Имавме една гледна точка во цел филм. Камерата ја претставува гледната точка на Мариса. Користевме посебен објектив за да добиеме замаглен ефект, „антишарп“ ефект. Што се однесува до приказната кога почнав да работам бев шокиран и се прашував дали ова е вистина, рече кинематограферот Пулканен.

Од програмата „Европски перспективи“, селекторот Слаѓан Пенев ја претстави екипата од филмот „Отворена врата“: Севдије Кастрати, Влатко Стојчевски и Феми Даут. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Албанија, Косово и Италија и го прикажува животот во традиционалното општество во овој регион, кој се’ уште живее со навики кои не им даваат глас на жените, но сега тоа се менува.

-Аплициравме три пати во Македонската агенција за филм и три пати бевме одбиени за финансиска поддршка, но албанскиот продуцент имаше потреба од земја која ќе биде достапна преку „Еуроимаж“, бидејќи Косово не можеше да аплицира, па ме замоли ако може да се приклучам. Оттаму ја добивме поддршката за реализација на филмот, помогнавме да се обезбеди финансирањето, а дел од буџетот кој го добивме го искористивме за да ги поддржиме македонските соработници Феми Даут, Висар Вишка и звукот беше изработен од македонски соработници на Игор Поповски и Ален Пејовски изработи музичко парче за крајот на филмот. Досега сме работеле копродукција со Хрватска-еден музички документарец кој наскоро ќе биде прикажан, раскажа Стојчевски, кој е продуцент на филмот.

Феми Даут се задржа на искуството од снимањето на филмот „Отворена врата“.

– Во филмот има многу кадри снимени во автомобил, на фрекфентни улици, имаше интересни случки со малото дете кое глуми во филмот, па честопати имаше и незгоди, но целата екипа беше како едно големо семејство, рече Даут.

Кинематографер на филмот е Севдије Кастрати, која веќе 10 години живее во Лос Анџелес. Таа втор пат е на ИФФК „Браќа Манаки“, минатата година учествуваше со косовскиот филм „Брак“ и рече дека „местото на кое е сниман филмот-на брегот на Охридското езеро од албанската страна е многу убав, прекрасен предел, каде не би требало да се случуваат лоши работи, но реалноста е поинаква“.

-Контрастот во филмот е дека во преубавото крајбрежно место нема млади луѓе, само стари. Сите се отселите во потрага по работа, не може да бидете самохрана мајка, мора да имате сопруг за да родите дете… Контрастот се потигна со боите на почетокот на филмот кои се темни, а потоа со доаѓањето на сестрата која е облечена во светли бои доаѓа светлината и „новото“, и тоа ја прави промената кај главната актерка. Лоши нешта е случуваат во прекрасни места и за тоа зборува овој филм, раскажа Кастрати.

Претставник на фимот „Додека паѓам“ беше кинематограферот Ивар Таим, кој истакна дека „иако досега сме виделе многу филмови кои говорат за зависност од дрога“ овој филм, за него, бил посебен.

-Статистички кога зборуваме за зависници мислиме на наркоманите кои лежат во темни места. И тоа се 5%, но 95% се луѓе кои функционираат и одат на работа. А во Норвешка има најмногу случаи на предозираност од хероин во Европа. Тоа е лична приказна на режисерот кој поминал период на зависност и сакаше да ја сподели и да покаже дека може да се помогне додека не сте преминале на инјектирање хероин, рече Таим.

Марија Апчевска, ја претстави кинематограферката Констанца Сандовал, која пристигна на фестивалот од Аргентина, а која работела на краткиот филм „Чудовишен господ“.

-Ова трета соработка со Августина, режисерката на филмот „Чудовишен господ“. Филмот се доближува до интимни теми, како загуба, помагање…Тој е истражување на значењето на Бог, но снимен на посебен начин. Покажавме чудна атмосфера на фимот и уживавме во тоа, истражувавме во аглите на снимање, длабочината итн., рече Сандовал.

До крајот на денот ќе бидат прикажани: „За сама“, „Керол“, во чест на Едвард Лакман, потоа „Вера“, „Свиркачите“, „Новиот живот“, „Бел, бел ден“, „Куќата на Ага“, „Тетовирање“, „Состаноци на слепо“, како и филмовите од програмата „Мак поинт“ и Студентската програма.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

“Будење на свеста” од Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ ќе го освојува светот

Книгата доби своја англиска верзија и ќе биде промовирана на Саемот на книгата во Франфурт …