Замина поетот и писател Васил Пујовски – Автор на многу ТВ серии, хитови од „Макфест“ и „Златно славејче“


Вчера не напушти уште еден голем човек кој остави длабока трага во македонското творештво…Васил Пујовски трајно ни рече „Збогум“ оставајќи зад себе дела кои внесоа големи иновации…   
Васил Пујовски е роден на 11. октомври 1946 во Д’мбени, Костурско, со потекло од Егејскиот дел на Македонија. Во време на Граѓанската војна е отргнат од најблиските и со татко му донесен во Скопје, каде растел и се школувал  завршувајќи Филозофски факултет, но преживеаната голгота на растуреното семејство ја носеше длабоко во себе и се обидуваше да ја искаже преку авторството.
Својот професионален век го започнал во Нова Македонија, па во Редакцијата на неделникот „Екран“ од каде дошол во  Македонската телевизија. Во МТВ поминал долг професионален период и неговата работа како пред се Уредник беше врзана за Програмата за деца и млади, секогаш со нови идеи и отвореност за соработка.
Како уредник е потпишан на најпопуларните серии за деца “Шарам-барам“, До-ре-ми, „Чук,чук, Стојанче“, „ Втората смена“, Умни глави (прв дел), „Во светот на бајките“ (прва и втора сезона) и автор на насловната песна , “Дајте музика” двете продолженија, каде е и автор на текстот зa насловната песна, “Здраво генијалци “……..и многу други. Тоа што го карактеризираше професионално беше, големиот број на идеи што кретаивно ги носеше и отвореноста за сорабока со други автoри, како и можност за напредување на помладите колеги.
Својот работен век го заврши во Mакедонската Телевизија, не прифаќајќи ја насоката по која тргна Телевизиската продукција, сосема обратно од она за што тој се залагаше како автор и уредник. Во еден мандат беше и Програмски директор на МТВ.
Од неговото творештво се издвојуваат делата: „Светот на детскиот сон“ (поезија за деца, 1967), „Пред божји суд“ (поезија, 1969),во издание на Детска радост, „Ајде да се дружиме“ (тв-серија за деца, 1985), „Кралот Кускуле први“ (драма, 1992),која се играше цела деценија на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, „Дајте музика“ (поезија за деца, 1994), „Прва лига“ (поезија за деца, 1995), „Ѕвездено дете“ (избор поезија, 1999) и „Ѕверка без мерка“ (поезија за деца, 2000), последните негови четири дела се во издание на Книгоиздателството „Ѕвезда“ (КАТ ПРОДУКЦИЈА) од Скопје.
Од 1968 беше член на Друштвото на писатели на Македонија. За децата секогаш велеше: “Нема лошо дете, возрасните се виновни ако е детето лошо“, и премногу ги сакаше а во поезијата за нив невозможното реалност го правеше.
После подолго боледување си замина од овој свет, кој верувам дека не го сакаше ваков и затоа лесен пат до Небесното царство.
Почивај во мир !
Екран.мк/М-р Татјана Гогоска

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...

Видете следно

На „Браќа Манаки“ денеска разговори со кинематограферот на Алмодовар, Алкаине, Љупчо Константинов и Џим Шеридан

По вчерашното свечено отворање на јубилејното 40 – то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, денеска …