Јовица Ивановски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци“, која ја доделува „Струшки вечери на поезијата“. Одлуката на жири-комисијата во состав Милован Стефановски, претседател, Лорета Георгиевска – Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска – Дракулевска и Снежана Стојчевска, секретар, ја прочита Стефановски.
„Од петте збирки поезија кои влегоа во потесниот избор, по детална анализа и дискусија, комисијата едногласно ја додели наградата „Браќа Миладиновци“ на стихозбирката „Човек“ од Јовица Ивановски. Од дискусијата произлезе дека во најтесен избор влегуваат книгите „Стан што се распаѓа“ на Биљана Стојановска и „Човек“ на Јовица Ивановски. Сепак, преовлада мислењето дека збирката на Јовица Ивановски, со својата кохерентна структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз – од книгите што конкурираа годинава – се издвои како најкомплетно остварување“, појасни Стефановски на пладневната прес-конференција во хотелот „Дрим“ во Струга, која се одржа во рамките на годинашното, 58-мо издание на „Струшки вечери на поезијата“, најстариот светски поетски фестивал што се одржува во континуитет.
„Најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот. Во неговите стихови сите тие се менуваат и надополнуваат, сопостојат или зрачат симултано. Тие понекогаш ја прават оваа поезија противречна, но токму затоа особена, неповторлиав и интересна.
Ставајќи ја нагласката на човекот, авторот ја промовира хуманоста и вистинските човекови вредности. Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет“, се вели, меѓу другото, во одлуката на жири-комисијата.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...

Видете следно

На „Браќа Манаки“ денеска разговори со кинематограферот на Алмодовар, Алкаине, Љупчо Константинов и Џим Шеридан

По вчерашното свечено отворање на јубилејното 40 – то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, денеска …