Фестивалот „Струшки вечери на поезијата” една од најреномираните културни манифестации во земјава, во текот на вчерашниот ден реализираше низа настани со голем број учесници – поети, но и издавачи.

По утринската посета и поетско матине во манастирот „Света Богородица” во Калишта, кога по една своја песна прочитаа 21 странски и домашни поети, во хотелот „Дрим” во Струга со почеток во 16 часот се одржаа неколку настани посветени на „Версополис”, европска поетска платформа што создава можности за откривање на европските поети и е поддржана од програмата „Креативна Европа” на Европската комисија. 

„Струшки вечери на поезијата” (СВП) е активен учесник во „Версополис”, а во вчерашното попладне најпрвин се одржа средба на македонски и издавачи од Грција, Србија и Романија со странските поети од „Версополис” што учествуваат во годинашното издание на СВП: Кармен Камачо од Шпанија, Сана Хартнор од Шведска, Џејкоб Поли од Англија и Гжегож Квјетковски од Полска, а веднаш потоа беа претставени и македонските млади поети предложени од СВП за програмата „Версополис”. 

Пред публиката во хотелот „Дрим” своите творби ги интерпретираа Марта Маркоска, Ѓоко Здравески, Снежана Стојчевска, Стефан Марковски и Наташа Сарџоска. 

Следниот настан беше дебата за улогата на книжевните списанија во дигиталното доба.

Вечерниот дел од програмата на вчерашниот, трет фестивалски ден, се пресели на сцената „Галеб”, каде пред многубројна публика беше презентиран поетскиот портрет на Богомил Ѓузел.

За богатото творештво на Ѓузел говореше Елизабета Шелева, при што од она што можеби остана некажано од неа, потоа се „исполни” низ краткиот разговор на универзитетската професорка со 80-годишниот поет, прозаист, есеист, преведувач и драматург 

Столчето од кое стана Ѓузел, потоа го зазеде младата хрватска поетеса Моника Херцег, добитникот на годинашната награда на СВП „Мостови на Струга” за најдобра дебитантска стихозбирка, која се доделува под покровителство на УНЕСКО.

Нејзиниот поетски портрет го претстави преведувачот на нејзината прва поетска збирка, „Поетски координати”. Херцег одговарајќи на прашањата, раскажуваше за нејзиното растење и созревање во виорите на војната во Хрватска и како нејзиниот живот се преточува во поезија во која истакнато место им дава на смртта и на феминизмот.

Во вториот настан со нив во овој, трет фестивалски ден,, странските поети од „Версополис”, Камачо, Хартнор, Поли и Квјетковски на сцената „Галеб”,  се претставија пред публиката со по неколку свои песни.

Доцна вечерта, нешто по 23 часот се случија уште 12-тина читања на по една песна од поети од странство и македонски творци, во рамките на настанот. Од македонските поети се претставија Владимир Мартиновски, Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски и Ненад Јолдески. 

Поетскиот карван потоа од сцената „Галеб” се пресели во Центарот за култура „Браќа Миладиновци”, каде се се одржа „Ноќ без интерпункција” и поетски слем со учество  на, меѓу другите, Цветанка Колева, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Исток Улчар и други млади творци.

Четвртиот фестивалски ден на СВП, претпладнево содржеше „Поетско кафе” со добитничката на највисоката награда на фестивалот, „Златен венец”, славната романска поетеса Ана Бландијана, на кое таа одговараше на прашања од публиката за нејзиното творештво, за историските преплети на Романија, но и за ангажираната уметност. 

Во претпладневниот ден на програмата на четвртиот ден на фестивалот, публиката се потсети на истакнатите македонски поети Вера Чејковска и Ристо Јачев, кои починаа во периодот од претходното до актуелното, 58 издание на СВП. За опусот на поетите говореше Милован Стефановски.