Денеска е Изнесувањето на Чесниот Крст: Почеток на Богородичен пост!

Изнесување на чесното дрво на Животворниот Крст Господов (1164)

Овој празник е востановен договорно од Грците и Русите за време на грчкиот цар Мануил и рускиот кнез Андреј во спомен на истовремената победа, и тоа: на Русите над Бугарите, а на Грците над Сарацените. Во обете војни во војските се носени крстови од кои заблескале небесни лачи. Затоа беше востановено на 1. август да се изнесува Крстот од Света Софија, најпрво на средината на црквата, а потоа и на улиците, заради поклонение на народот и заради споменот на чудотворната помош на крстот во претходните војни. Ова не беше некој обичен крст туку вистинскиот Чесен Крст, којшто се чуваше во храмот на царскиот дворец. На 31. јули Чесниот Крст е пренесуван од царскиот дворец во Света Софија, а оттаму потоа носен по улиците заради осветување на земјата и воздухот. Најпосле, на 14. август, беше повторно вратен во храмот на царскиот дворец.

Од денес за православните верници започнува Богородичниот пост по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, кој се одбележува на 28-ми август.
Сите ние што сме удостоени да се именуваме со најсветото име, христијани, повикани сме да одиме по оној божествен пат што некогаш го поминал нашиот најмил Спасител. Христос, нашиот Бог, Творецот на сите твари, Украсот и Пофалбата на ангелите, доброволно се понижил и лишил од Својата неизмерна слава, за нас да нѐ возвиши. Затоа да ја засакаме и ние Христовата сиромаштија, та да се збогатиме преку неа духовно. Да го возљубиме прекрасниот пост, зашто е дело подарено од Бога. Ете, дури и самата Мајка Божја, преблагословената Дева Марија, иако немала потреба од пост, бидејќи чиста и непорочна, Таа, сепак, пред Своето сечесно Успение, се подвизувала и постела поради нас, молејќи се за нашето спасение. И можеме ли да не бидеме благодарни за таа Нејзина безгранична грижа и мајчинска љубов кон нас, грешните и недостојните чеда!? Затоа богомудрата православна Црква го одредила светиот Богородичен пост, како еден благодарствен подвиг од љубов кон човекољубивиот Христос и Неговата премилостива Мајка, подвиг во кој верните, со срца очистени од блаженото воздржание, принесуваат молитви и славословија кон Бога и Богородица, и се обновуваат со силата што ја носи причестувањето со светите Христови Тајни. Постејќи за Успението на Мајката Божја, ние всушност постиме и за Преображението на Господа Исуса Христа, зашто, според зборовите на св. Симеон Солунски, „неопходно е да си споменуваме за овие два празника, едниот – како таков што ни дава осветување, а другиот – како смилостивување и посредништво за нас“. А колку само премудро е устроено сето тоа! Ете, на самиот почеток на посното патување, светите и богоносни отци го востановиле изнесувањето на чесниот крст, кој е оружје против силата на непријателот, сила на немоќните, радост на христијаните, величие на Црквата, чест за верните.

Седумтемина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар
Сите пострадаа за чистата Израилска Вера од царот Антиох, од едни наречен Епифанос (просветлен), а од други Епиманис (безумен). Заради големите гревови во Јерусалим, особено заради грабањето околу архиерејската власт и злосторствата извршени при тие грабања, Бог допушти голема беда на Светиот град. Антиох сакаше да им го наметне елинското идолопоклонство на Евреите по секоја цена и се вршеше во тој правец. Таа негова мисла ја помагаа и некои вероломни архиереи и други старешини ерусалимски. Еднаш самиот цар дојде во Јерусалим и нареди сите Евреи да јадат свинско месо, што е спротивно на законот Мојсеев, затоа што јадењето свинско месо беше очигледен знак дека некој се одрекол од верата Израилска. Старецот Елеазар, самиот свештеник и еден од преведувачите на Стариот Завет на грчки јазик, не сакаше да јаде свинско месо. Поради тоа беше мачен и запален. Враќајќи се во Антиохија царот ги зеде со себе седумте синови наречени Макавеи и мајка им Соломонија. Седумтемина браќа Макавеи се викаа: Авим, Антонин, Елеазар, Гуриј, Евсевон, Алим и Маркел. Пред очите на мајка им свирепиот цар ги мачеше овие седуммина еден по еден, дерејќи ја секому кожата од лицето и фрлајќи ги потоа во оган. Тие сите храбро ги претрпеа маките и смртта и не се одрекоа од својата вера. Најпосле и мајка им, откако го виде својот тригодишен син во огнот, самата скокна во огнот и изгоре, предавајќи Му ја душата на Бога. Сите чесно пострадаа за верата во едниот жив Бог околу 180 година пред Христа.

Светите девет маченици: Леонтиј, Атиј, Александар, Киндеј, Минситеј, Киријак, Минеон, Катун и Евклеј
Првиот беше дрводелец, а останатите земјоделци. Заради дерзоста да ја исповедаат Христовата вера и затоа што го урнаа храмот на Артемида, луто истизавани и обезглавени во времето на Диоклецијан во Пергија Памфилиска, станаа наследници на Христовото царство.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...
Loading...

Видете следно

(ВИДЕО+ФОТО) ПРИТВОР ИЛИ СЛОБОДА: Боки 13 во притвор а секојдневно „лиферува“ информациите надвор од „Шутка“

Кога некој е во притвор обично се мисли дека е изолиран и нема пристап до …