Денеска се чествува Преподобната маченичка Параскева:Вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките!

Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги извршува сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера упатуваше на патот на спасението и други. Кога и умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први за проповедање на забранетата вера Света Параскева ја обвинија зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и и ставија усвитен шлем на главата.

Но Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим. Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и измачувана заради Господа, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда им ги припишуваа на магиите, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител Света Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Тоа беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во вториот век.

Преподобен Мојсеј Угрин
Беше на дворецот на младиот руски кнез Борис. Кога безбожниот Свјатополк го уби Борис, Мојсеј се избави и побегна во Киев. Но малку подоцна беше одведен како роб од полскиот крал Болеслав во Полска, каде за илјада златници и го продадоа на некоја млада скверна вдовица, жена на загинат војвода на Болеслав. Оваа изопачена жена го наведуваше Мојсеј на блуд, но тој не дозволи да биде заведен, затоа што се имаше заветено да живее чисто пред Господа. Тогаш таа му предложи брак, но тој ја одби. Тајно прими монашки чин од некој светогорец и се јави пред својата госпоѓа во монашко расо. Таа го врза, нареди да го бијат и да му го отсечат тајниот орган. Маките траеја цели пет години. Цели пет години траеше заведувањето на оваа бесрамна жена, а други пет години маките и измачувањата. Но во некоја буна ненадејно загина кралот Болеслав, а ја убија и Мојсеевата господарка. Тогаш тој слободно замина во Киев и му се предаде на подвигот на безмолвие кај Свети Антониј. Бидејќи ја имаше победено срамната похот во себе, на мнозина им помагаше да се спасат од неа. Неговите свети мошти исто така им помагаат на многумина (види го житието на многустрадалниот Јован под 8 јули). По десетгодишен подвиг на безмолвие во една пештера, Свети Мојсеј се упокои на 26. јули 1043 година и се пресели во Христовото Царство.

Светиот свештеномаченик Ермолај
Свештеник Никомидиски. Во времето на царот Максимијан беше со оние дваесет илјади маченици коишто царот ги осуди да бидат изгорени в црква (житие под 28 декември). Ермолај некако ја избегна смртта во таа прилика, заедно со уште двајца други свештеници, Ермип и Ермократ. Тој го крсти Свети Пантелејмон и заедно со него беше изведен на суд, мачен и најпосле убиен со меч. Со него пострадаа и Ермип и Ермократ и сите беа овенчани со венци на победа и слава во Царството Христово. Чесно пострадаа околу 304 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Од плажа во притвор: Уапсена поради премногу „малечкото“ бикини!

Видеото од апсењето на девојка поради конфликтот околу нејзиното „премалечко“ бикини станало вирално на социјалните …