Денес се празнува Успението на Света Ана – мајка на Пресвета Богородица:Манастирот во село Маловишта има чудотворна моќ да дава пород

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 јули.

Православната црква денес го празнува успението на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица Марија.
По тој повод христијаните од цела Македонија го посетуваат манастирскиот комплекс посветен на Света Ана во село Маловишта, Битола, кое е единствено во рамките на Националниот Парк Пелистер.


Постои верување поврзано со манастирот Света Ана кое вели дека манастирот има чудотворна моќ да дава пород. Брачните парови кои имаат проблеми со формирањето на семејство, на 6–ти наспроти 7–ми август треба да преспијат во просториите на црквата Света Ана. А таа ќе ги слушне и исполни нивните молитви и ќе ги успокои и израдува нивните души.
Мештаните раскажуваат за многу брачни парови кои немале деца, но по посетата на манастирот добиле пород и благодарни, секогаш доаѓале на славата на манастирот.
Во близина на манастирот има и лековита вода што извира од коренот на една бука и тука е од памтивек.

Мајка на Пресвета Богородица. Денес се празнува нејзиното успение, но нејзиниот главен празник е на 9. септември, под кој датум се напишани и службата и житието. Ана беше од коленото Левиево, ќерка на Матан свештеникот. По долг и богоугоден живот се упокои во длабока старост.

Света Олимпијада, ѓакониса
Родена е во Цариград од мошне прочуени родители. Татко и, Анисиј Секунд, беше сенатор, а мајка и му беше ќерка на оној славен големец Евлавиј, којшто се спомнува во житието на Св. Николај чудотворец. Кога порасна, Олимпијада беше свршена за некој големец кој умре пред венчавката со оваа чесна девица. Залудно и царот и останатите роднини ја советуваа да се омажи за друг. Таа не сакаше никого, туку се предаде на богоугоден живот, од наследениот имот правејќи големи жртви за црквите и милостињи за бедните. Служеше при храмот како ѓакониса најпрво за време на патријархот Нектариј, а по неговата смрт за време на Свети Јован Златоуст. Пред да појде во прогонство, Златоуст ја посоветува Олимпијада да остане при храмот како и порано и да И послужи на Црквата, било кого и да постават за патријарх после него. Но веднаш по прогонството на овој голем светител некој ја запали големата црква, а пожарот зафати и многубројни значајни градби во престолнината. Непријателите на Златоуст ја обвинија оваа света жена за злонамерно подметнување пожар. Олимпијада беше прогонета од Цариград во Никомидија, каде се упокои во 410. година, оставајќи аманет телото да и го положат во ковчег и да го фрлат во морето, па каде ќе го исфрли водата таму да го закопаат. Ковчегот беше исфрлен во местото Врохта, каде имаше црква на Светиот апостол Тома. Од нејзините мошти низ вековите се пројавуваа големи чуда на исцеление. Прогонетиот Златоуст и пишуваше на Олимпијада прекрасни писма, коишто и денес можат да им послужат за утеха на оние што страдаат заради правдата Божја. Меѓу другото Златоуст и пишува на Олимпијада: „Сега сум многу радосен не само затоа што ти се избави од болеста, туку уште повеќе затоа што толку благородно ги поднесуваш сите неволји, ги нарекуваш трици, што и е својствено на душа преисполнета со сила и изобилна во богатите плодови на мажественоста. Бидејќи ти не само што благородно ја поднесуваш несреќата, туку не ни забележуваш дека дошла, и тоа без напрегање и без труд и неспокојство, дури и не им ја соопштуваш на другите, но како ликувајќи и торжествувајќи – тоа служи како доказ за најголема мудрост. “ (Писмо VI).

Преподобната девица Евпраксија
Ќерка на цариградскиот големец Антигон и роднина на царот Теодосиј Велики. Со мајка и, која како млада остана вдовица, се преселија во Мисир давајќи прилози и молејќи Му се на Бога. Седумгодишната Евпраксија според својата огнена ревност се замонаши во еден женски манастир. Колку повеќе растеше толку потешки подвизи си наложуваше. Еднаш постеше четириесет дена. Се упокои во 413. година, во својата триесетта година. Имаше голема благодат Божја и исцелуваше од најтешки болести.

Спомен на Петтиот Вселенски Собор
Овој Собор беше во Цариград за време на царот Јустинијан Велики, во 553 година. На Соборот беа осудени сите монофизитски ереси, како и еретичките списи на Теодор Мопсуестски, на Теодорит Кирски и на Ориген (учење што се коси со воскресението на мртвите).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Во Македонија денеска се регистрирани 148. нови случаи на ковид 19: Оздравени се 65. пациенти– починати се 3. лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1224 тестирања, а регистрирани …