Денеска е Духовден: Жените треба да се посебно внимателни – никако не смеат да го прават ова на овој голем христијански празник

Црквениот празник посветен на слегувањето на Светиот Дух на апостолите, кој се празнува 50 дена по Велигден е еден од најголемите празници кои Македонската православна црква ги одбележува.

Празникот Педесетница, во народот познат како Духовден, е посветен на настанот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, на педесеттиот ден по Воскресението Христово, односно на десеттиот ден по Вознесението Христово. За време на Својот земен живот, Спасителот повеќе пати им говорел на Своите ученици за доаѓањето на Утешителот, Духот на вистината, Којшто ќе го разобличи светот заради гревовите на луѓето, Којшто ќе ги научи апостолите на благодатниот пат на вистината и правдата и Кој ќе го прослави Христа. Пред самото Свое Вознесение, Исус го повторил Своето ветување за праќањето на Утешителот: „Ќе примите сила кога на вас ќе слезе Светиот Дух“. После тие Негови зборови, учениците пребивале заедно и во молитва во исчекување на остварувањето на ова ветување Христово. Слегувањето на Светиот Дух се јавило со шум и над секој од апостолите се појавил огнен јазик. Тие се исполниле со Светиот Дух и почнале да говорат на различни јазици. Бидејќи сите Свети Таинства во Црквата се случуваат преку Светиот Дух, овој празник се смета за роденден на Црквата.


На овој ден, на некои места се организираат поворки во кои учествуваат најубавите девојки од селото. Тие претставуваат русалки, вили настанати од душите на починатите девојки и потпоените жени, закопани без погребни обреди. Верувањата велат дека русалките настојуваат да нанесуваат зло, особено на жените и сакаат да намамат жртва до вода и да ја удават.
Оттаму постојат многу забрани и ограничувања, па приказната вели дека не е во ред да се спие преку ден, бидејќи русалките демнат на крошните од дрвата, па можат да наштетат во сон. Жените не треба да перат облека, да предат волна и да ткаат, ниту да завршуваат некакви домашни обврски.
Оној кој ќе дојде во контакт со русалките или ќе се разболи или ќе полуди. Затоа народот верува дека секогаш со себе треба да се има лук или пелин.
Светиот свештеномаченик Лукијан
Римјанин, познат по своето благородничко потекло, по богатството и ученоста. Некое време беше ученик на светиот апостол Петар. Подоцна, папата Климент го испрати заедно со Дионисиј Ареопагит во Галија, заради проповед на Евангелието, откако претходно го ракоположи за епископ. Лукијан многу ревносно ја сееше Христовата наука најпрво ширум Галија, а потоа и во Белгија. Кога злобниот цар Доментијан почна да ги прогонува христијаните, од Рим во Галија беше испратена специјална потера за да ги побара и да ги фати сите христијански мисионери. Тие прво го фатија и го убија свети Дионисиј, а потоа тргнаа да го бараат и свети Лукијан. Го најдоа во Белгија, заедно со неговите помошници, презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, па на едно место ги убија овие двајцата, а на друго го заклаа Лукијан. Откако му ја исекоа главата, мртвото тело на Лукијан се дигна од земјата, ја зеде својата глава со рацете (слично како телото на свети Дионисиј, а и на Свети Јован Владимир) и така отиде до она место каде што сакаше да биде погребан. Овде падна и го погребаа. Над неговите мошти подоцна изградија црква.
Светиот маченик Лукилијан и со него: Клавдиј, Ипатиј, Дионисиј и девицата Павла
Остарен како незнабожец и идолски жрец, Лукилијан како белокос старец ја позна христијанската вистина и се крсти. Неговото обраќање во христијанство предизвика голема возбуда меѓу незнабошците во Никомидија и беше изведен на суд, а бидејќи не сакаше да се одрече од својата нова вера, луто беше биен и претепан го фрлија во затвор. Во затворот најде четири момчиња: Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, заробени заради верата во Христа. Старецот им се израдува на момчињата и тие нему, и сите заедно го минуваа времето во побожни разговори, молитви и псалмопение. Кога ги изведоа од затворот, ги мачеа со разни маки и најпосле ги пратија во Византија, каде што момчињата беа од војниците исечени со меч, а Лукилијан од Евреите распнат на крст. Злобните Евреи целото тело му го избодеа со клинци. Некоја девица Павла јавно го зеде телото на маченикот и го погреба чесно. За ова беше обвинета, па мачена и на крајот ја исекоа. Од Господа прими два венци: на девственост и на мачеништво. Овие маченици пострадаа во времето на царот Аврелијан, меѓу 270 и 275 година.
Светиот маченик Димитриј, принц руски
Подло беше убиен од властољубивиот Борис Годунов во осмата година од својот живот, во 1591 година, во градот Углич. Му се јави по смртта на еден монах и му прорече дека ќе се јави лажен Димитриј, којшто ќе ја предизвика смртта на убиецот Борис Годунов. На гробот на овој убиен принц се случуваа безброј чуда. Неговите мошти после петнаесет години беа откриени цели и нетлени и свечено пренесени во Москва, каде што ги погребаа во црквата на Свети Архангел Михаил.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...
Loading...

Видете следно

Денеска е спомен на Пренос на чесната риза на Господ Исус Христос

Денеска Македонската православна црква го одбележува споменот на полагањето на чесната риза на Господа наш …