Басара и Попов ги примија наградите „Прозарт“ и го збогатија друштвото на првокласни писатели на „Про-За Балкан“

„ Тука, на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија. Шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложни секој ден. Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција сме загубени. Колку и банално да звучи ова. Ви благодарам за честа да бидам во друштво со првокласни писатели од Балканот и од Европа “, рече писателот Алек Попов, заблагодарувајќи се за наградата „Прозарт“ која фестивалот „Про-За Балкан“ му ја додели за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. 

Наградата на Попов му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, кого го врзуваат години пријателство со лауреатот како преведувач на неговите романи „Мисија Лондон“ и „Сестри Палавееви“, која деновиве излезе од печат на македонски јазик во издание на „Прозарт медиа“. По повод наградата Попов прочита извадок од „Сестри Палавееви“, а  и кус расказ под наслов „Гласот на Старата чаршија“ за мало девојче кое во еден момент станува господарка на светот, и додаде:

„Ја прифаќам оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии – барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата и да се фокусирам точно на закачката и намигнувањето. Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на „центарот и на периферијата“. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот. Големата господарка!

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, даде кус осврт за наградата „Прозарт“, која советот на фестивалот ја доделува за  артистички опус и, како што вели, нешто што останува како значаен дел во нашата прозна стварност во регионот, кој сè уште го чувствуваме како наш. Тој му ја врачи наградата и на лауреатот за 2018 година, Светислав Басара кој, поради здравствени причини,лани не можеше да дојде во Скопје.

„Голема е честа на овој човек да му се даде наградата „Прозарт“ за неговата голема посветеност не само на пишувањето, туку и на занаетот“,  истакна Прокопиев.

Басара се заблагодари за признанието и за трпението што организаторите на фестивалот го имале. Тој потсети на мудрите зборови „…она што се случило, се случило, она што не се случило, исто така се случило“, кои турскиот писател Тарик Туфан, исто така гостин на фестивалот, ги прочита како дел од извадок на негов роман.

– Еве ви жив доказ за тоа. Ова требаше да се случи пред една година. Минатата година бев спречен да дојдам, а фестивалот имаше една година да размисли дали да ме бара или да бара друг добитник и остана свој на своето, што мене ми е особено драго и особено ми е драго што по 30 години сум повторно во Скопје, иако во Македонија сум бил на други места, и што поминав три убави дена со драги луѓе, за што ви благодарам– рече Басара.

Модераторката Ана Јовковска прочита извадок од култниот роман на Басара – „Фама за велосипедистите“.

Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори.

Писателите Теофил Панчиќ од Србија, Јагода Михајловска-Георгиева, Једрт Лапух-Малежич од Словенија, Тарик Туфан од Турција имаа можност да се дружат во изминатите три дена. Лапух-Малежич го отвори читателскиот дел со расказ од нејзината книга „Воени бои“. Нашата авторка Михајловска-Георгиева прочита сцена од нејзиниот роман „Индиго Бомбај“. Панчиќ, кој е роден во Скопје, во оваа пригода ја прочита кратката приказна што ја напишал пред неколку години токму во родниот град и не случајно ја нарекол „Роден град“.

„ Минатата година го затворив фестивалот со зборовите на Басара: „Затоа станав крал, за да се издигнам над просечноста, а сепак останав просечен“. Оваа година како да бевме поблиску до сенките на Платон. Како ние да зборувавме наместо нив. Да го парафразирам Милтон Манаки со литературен наместо со филмски говор: како да останавме најверни на зборот, кој не знаеше за никакви претворања. Ако тоа чини, сме завршиле голема работа. Ви благодарам на сите“,– истакна Дејан Трајкоски,директор на фестивалот.

Господарката на Старата чаршија

Господарката на Старата чаршија

Има такви моменти кога завесата на секојдневието ќе се крене, макар и за кратко, и човек ќе може да види и малку реалност надвор од своите секојдневни грижи и проблеми. Надвор од нашето сопствено задоволство. Среќни моменти, исполнувајќи го срцето со насмевка и топлина и умот со просветлување. На прв поглед она што сега ќе ви го кажам има малку врска со свечената пригода на нашиов собир, но, сепак, јас ќе се нафатам на тој ризик и ќе го споделам со вас, авие ќе одлучите дали навистина е така. Пред неколку недели повторно бев во Скопје. Седевме со жена ми во Старата чаршија и јадевме ќебапчиња во „Турист“, кога ни пријде една од оние вечни сенки што скитаат по пазарите уште откако е светот и нè потсетуваат дека раката која зема треба одвреме-навреме и да даде. Заедно со неа имаше и едно полничко кадраво девојче на возраст од 6 до 7 години. Ние веќе му го дадовме нашиот дел на друг питач кој помина тука пред само пет минути и не чувствувавме вина дека тоа треба повторно да го направиме. Циганката се провртка околу нас и потоа се префрли во следниот локал каде што група мажи воздржано почнаа да претураат по своите џебови. Но, малото девојче не се откажуваше толку лесно – се врати кај нас, ги стави лактите на масата и почна да ги врти очите. Изгледаше како еден од ангелите на Рафаело што се наоѓаат во подножјето на Систинската Мадона.Како деветмилиметарски магнум полн со шарм вперен во нас. Таа беше совршено свесна како да постапува со ова оружје. И сето тоа на многу невин начин! Јас ѝ дадов 10 денари. Таа ги грабна парите и се стрча накај мајка ѝ да ѝ ги даде и тоа со таква неопислива гордост, што изгледаше како парата да имаше уште најмалку две дополнителни нули. Кога се врати, нè погледна итро, ни намигна и важна си замина. Јазикот нема зборови да го искаже богатството на гестикулации и мимики што беа составен дел на оваа претстава. И уште ми е малку жал што од срцето ми се одвоија само 10 денари. Но, вистина е дека таквите моменти не можат да се купат ниту со 10, ниту со 100, ниту со 100.000. Тие се бесценети! Затоа што ни откриваат нешто вистинско. Нешто што е поврзано со самата суштина на животот која не може да се објасни со зборови. Секогаш ќе го паметам „ѓаволското“ намигнување со насмевка, но истовремено и со восхит. Едно сиромашноРомче кое во тој момент беше господар на светот. Беше Господ! Мислам дека уметноста никогаш нема да успее да ја постигне онаа длабочина што животот со таква едноставност ја постигнува со секој таков момент. Затоа е излишно да се обидуваме да ја имитираме. Дури и прозата, која има амбиција да биде најблиску до реалноста, всушност, е само бледа сенка на она што навистина се случува. Понекогаш тоа откритие може да те натера да го оставиш перото. Но, исто така, може да те натера да ја погледнеш својата работа од друг агол. Не како одраз на животот, туку како природно продолжение. Како форма на живот сама по себе која цути на белата страница. Јас верувам дека ова е поле во кое прозата може да достигне одреден реванш. Затоа што, дури и кога раскажуваме за овие навидум безначајни случки, ние ја прошируваме, барем метафорички, зоната на живот на планетава. Тертулијан рекол: Верувам во тоа затоа што е апсурдно. Јас велам: Пишувам затоа што е апсурдно. Тоа е мојот обид да се допре до човековата суштина, да се разбере нешто за светот кое, се плашам, е недостижно и излегува надвор од нашето индивидуално искуство. Но, да се навратам на нашиот повод. Ја прифаќам оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии – барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата и да се фокусирам точно на закачката и намигнувањето. Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на „центарот и на периферијата“. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот. Големата господарка! Се плашам дека ако го загубиме чувството за таа восхитувачка димензија на животот, ледените ветришта на гордоста и омразата наскоро ќе почнат да дуваат во нашите срца. Тука, на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија. Шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложени секој ден. Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција сме загубени. Колку и банално да звучи ова. Ви благодарам за честа да бидам во друштво со вакви првокласни писатели од Балканот и од Европа. Ви благодарам на вниманието! Алек Попов

Со врачувањето на наградите синоќа беше затворено 7. издание на фестивалот. Во чест на Попов, вечерва во Кинотеката во 21 часот ќе биде прикажан филмот снимен според неговото сценарио – „Мисија Лондон“ (2010), а по проекцијата публиката може и да поразговара со него и неговиот промотор Прокопиев.

Фестивалот „Про-За Балкан“ е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винарницата „Бовин“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

РЕАКЦИЈА – Петар Ренџов до Шилегов: „Каква е оваа интелектуална беда во Собранието на град Скопје, каква порака ни праќате на нас граѓаните?“

Ако градоначалникот Петре Шилегов мислеше дека тоа што Дино Мерлин ќе ги забавува скопјани во …