Турскиот писател, актер и сценарист Ерџан Кесал – специјален гостин на „Про-За Балкан“

Сценаристот на антологиските „Беше еднаш во Анадолија“ и „Три мајмуни“ од Нури Билге Џејлан ќе дојде во Скопје само на еден ден, на отворен разговор во Турскиот културен центар „Јунус Емре“

Големиот турски писател, актер и сценарист Ерџан Кесал ќе биде специјален гостин на 7.Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“ во Скопје. Еден од сценаристите и актери на „Беше еднаш во Анадолија“ од Нури Билге Џејлан, филмот што освои Гран при во Кан во 2011 година, публиката ќе може да го види на 20 мај од 17 до 18 часот во Турскиот културен центар „Јунус Емре“, на средбата наречена „Ерџан Кесал во Скопје!“ И покрај тоа што периодов е зафатен со снимање, Кесал изрази голема желба да дојде на фестивалот и да остане макар еден ден.

Кесал игра и во турската серија „Јама“, актуелна периодов за македонската публика.

-Моето пишување не потекнува од ништо друго освен од моите искуства. Прашањето е како треба да се поврзам сонив? Секогаш кога пишувам, бездната во која се навалувам и зјапам не е ништо друго освен длабоката темнина во мене. Оттаму, што и да правам, е ревидирана и регенерирана рефлексија на комплицираниот материјал вткаен во мојата меморија. Јас пишувам со тоа што „повторно го создавам“ сето она што останало од тоа што го живеам, гледам, слушам и читам. Што останува, останува – вели Кесал за македонските медиуми.

 

Ерџан Кесал (роден во 1959 година во градот Аванос) е писател, актер и сценарист. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“ во 1984 година. Повеќе години се занимавал со медицина, по што посетувал обуки по практична психологија и социјална антропологија. Неговите современи текстови и авторски приказни се објавени во турските весници „Радикал“ и „Биргин“. Кесал, исто така, пишува сценарија за турски филмови. Актерската кариера ја почнал во филмот „Далечен“на славниот режисер Џејлан. Игра во многу филмови, а се потпишува и како сценарист. Се издвојуваат „Беше еднаш во Анадолија“и „Три мајмуни“, исто така на Џејлан.

Неговиот последен роман – Древни времињае дневник во кој е опишан процесот на создавање на „Беше еднаш во Анадолија“.

„Самовилска газоза“е збирка приказни за наједноставните, а сепак највосхитувачки аспекти од животот – раѓањето и умирањето, растечките болки и фрустрацијата од стареење, за понекогаш тешките, но сепак саканите односи во семејството – раскажано низ очите на повеќе различни ликови. Неговата новела „Потенцијалниот кандидат“ е објавена во 2015 од издавачката куќа „Илетисим“. „Огледалото на Гин“ е објавен во 2016 од истата издавачка куќа.

Автор е и на други книги, како што се „Всушност”, „Во потрага по времето“ и „Метин Ерксан, онака како што го знам“.

Гостувањето на Ерџан Кесал е реализирано во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје.

Мотото на фестивалот годинава е „Синергија: литература, филм, музика“.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Филхармонија во четврток со концерт на Вадим Глузман, еден од најдобрите виолинисти

„Меѓу срцето и умот“ е насловен концертот во четврток на кој ќе настапи исклучителниот руски …