(ФОТО) Време е на Велигденска четириесетица: 40. посни јадења и десерти!

40. Паприкаш со риба
Потребно е:
1 кг. бела риба
5 – 6 компири, излупени и исечени за коцки
2 моркови, исечени на кругови
1/2 шоља грашок
2 главички кромид
магдонос
сол, црн пипер
масло
Подготовка:кромидот, исечкан, пропржете го на масло, додајте црвен пипер измешајте и намалете ја ринглата, додајте ги парчињата риба.Не мешајте туку само протресете го садот, ако е потребно, да не се распадне рибата.Бргу додајте вода, компири, моркови и грашок. Се’ залијте со вода да биде
покриено, оставете на тивко да се вари. Зачинете по вкус и на крај додајте
сечкан магдонос.
Треба да варите околу 30. минути, се’ да омекне

39. Чорба од праз (без масло)
Потребно е:
2 страка праз
1 главичка кромид
300 – 400 г. компири
сол, црн пипер
ловоров лист
сок од 1/2 лимон
1 лажица брашно
Подготовка:загрејте малку вода, додајте ситно сечкан праз, кромид и варете додека се’ не омекне. Додајте ги компирите исечени на коцки, сол, црн пипер, ловоров лист и се’ полијте со 1. литар вода. Варете околу 50 минути на умерена температура. Тргнете од ринглата, додајте брашно разматено во малку ладна вода и варете уште пет минути.
На крај се’ зачинете со сок од лимон и по вкус.

38. Баклава
Потребно е:
500 г кори за баклава
500 шеќер
сок од 1/2 лимон
400 -500 г. мелени ореви
200 г суво грозје
1/2 литар масло
1 кесичка црн чај
Подготовка:една лажица шеќер пропржете да се кармелизира. На тоа налијте 500 мл вода и 500 г шеќер (може и сок до лимон) па сварете шербет. Доволно е да зоврие. Во сирупот ставете ја ќесичката чај, нека стои 5 минути, па извадете ја. Шербетот оставете да се излади.
Тавата за баклава намачкајте ја со масло па ставете две кори, горната намачкајте ја со масло (најдобро со четка), па филувате со мелени ореви и суво грозје (ако е тврдо нека отстои во малку млака вода, па исцедете).
Постапкта повторувате ја д ги потрошите корите и филот. Последните две кори намачкајте ги со масло и испрскајте со вода – да не се соберат. Исечете на парчиња, но не до крај и испрскајте со останатото масло.
Ставете во рерна загреана на 150 степени и печете додека не поцрвени.
Извадете од рерната, полијте со шербетот, покријте со алуминиумска фолија и оставете да се излади.

37.Пита со вишни
Потребно е:
16 тенки кори
2 тегли вишни, исчистени,или замрзнати
1 шоља мелени ореви или лебни трошки
3-4 лажици шеќер
масло за корите
Подготовка:вишните убаво исцедете ги и измешајте со мелените ореви и шеќерот.Одвојте 4 кори, наредете ги една вез друга, секоја мачкајте ја со масло, освен последната.
На последната кора ставете дел од филот (поделете на четири) од вишни, па завиткајте. Направете четири ролати, ставете во намрсена тава и печете околу 40. минути на умерена температура. Додека не поцрвенат.
Пред послужување наросете со шеќер во прав.

36. Пиперки со туна
Потребно е:
4 бабури
1 конзерва туна
2 зрели домати (може и доматно пире)
1 помал компир
средина од една кришка леб
1 поголема главичка кромид
2 – 3 чена лук
1/2 корен целер
1/2 филџан масло
оригано
црн пипер, сол
Подготовка:од пиперките исечете ги капаците, исчистете од семки и жилички. Измешајте леб, ситно сечкан кромид и лук, излупен и на коцки сечен домат, рендан целер, туна и зачинете. Измешајте да добиете хомогена смеса и наполнете ги пиперките. Пиперките затворете ги со круг компир.
Наполнетите пиперки наредете ги во намрсена огноотпорна тава. Испрскајте со маслиново масло и ставете во рерна загреана на 200 степени и запечете.
Ова предјадење може да се послужи топло или ладно.

35. Туфахии
Потребно е:
750 г јаболки
500 г шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
1/2 литар вода
сок од половина лимон
Фил:
150 г шеќер
100 г ореви
50 г бадеми
рендана коричка од лимон
50 г цреши или вишни од компот
1 кесичка ванилин шеќер
Плус:
5 банани
1 лимон
Подготовка:за овој рецепт изберете јаболки кои при варење не се распаѓаат. Јаболките измијте ги, излупете, издлабете во средина, да нема срце и семки.Подготвените јаболки ставете ги во вода што врие, со шеќерот, ванилата и сокот од лимон. Варете десетина минути и внимавајте јаболките да не се распаднат.
Варените јаболки ствете ги на кујнска решетка да се исцедат, а во водата во која се вареле додајте шеќер и сок од лимон и сварете густ сируп. Измешајте ги состојките за филот и наполнете ги јаболките и полијте со сирупот.
Од бананите направете пире и украсно нанесете на секоја јаболка и украсете со цреша.
Кога не постите наместо пире од банани ставете шлаг.
Туфахиите се служат во длабоко чивнивче и треба да бидат скоро цели во сокот од варењето.

34.Гравче тавче
Потребно е:
400 г грав
3 главички кромид
1 морков
сол, црн пипер
црвен пипер
Подготовка:измијте го гравот и накиснете во вода. Најдобро е да стои преку ноќ. Сварете го гравот и одвојте 2 шољи, најдобро од дното бидејќи има повеќе талог.
Тавата намачкајте ја со масло. Во тиган на масло пропржете го кромидот исечен на ребра, додајте го сврениот грав и се’ убаво измешајте.Ако сакате луто додајте ситно сечкана лута пиперка. Потоа се’ заедно префрлете во тавата, додајте ги оние две шољи течности печете, на умерена темпертура, околу половина час.
Печете покриено.

33. Пита со јаболки
Потребно е:
16 тенки кори
сок од половина лимон
1 шоља мелени ореви или лебни трошки
3 – 4 лажици шеќер
масло за мачкање
Подготовка:јаболките исчистете ги и изрендајте, исцедете од водата па веднаш полијте со сокот од лимон. Соединете ги оревите со шеќерот и додајте во јаболките.
Наредете четири кори, една на друга, секоја, освен последната, мачкајте ја со масло. Нанесете го филот од јаболки. Завиткајте ролат. Направете четири ролати и ставете во намрсена тава па испечете во рерна загреана на 180 степени.
Пред послужување наросете со шеќер во прав во кој сте додале малку цимет.
Совет: наместо само ореви додајте дел лебни трошки да ја впијат влагата од јаболките.

32. Лешо (варена) риба
Потребно е:
1 кг шкрпина или зубатац
150 мл масло
12 врзоп магдонос
100 мл бело вино
100 мл маслиново масло
сол, црн пипер
Подготовка:рибата убаво исчистете ја. Земете поголем сад (рибата да може да ја ставите по должина), ставете масло, ситно сечкан лук, динстајте, па ставете ја рибата и долијте вода, до половина, зачинете со сол и црн пипер. Динстајте на средна температура, покриено. Превртете ја рибата.
Кога рибата ќе биде сварена полијте ја со маслиново масло на кое сте додале ситно сечкан магдонос, бело вино и оставете да се крчка уште неколку минути.

31. Посна сарма од кисела зелка
Потребно е:
2 – 3 главички кисела зелка
1 кг ориз, исчистен и измиен
1 кг кромид, ситно сечкан
3 – 4 моркови, исчистени и ситно рендани
1 корен мгдонос, исчистен и ситно рендан
3 – 4 чена лук, ситно сечкан
5 – 6 ловорови листови
сол, црн пипер
масло
црвен пипер
Подготовка:зелката исчистете ја и одвојте листови.
Кромидот пропржете го на загреано масло, додајте го останатиот зеленчук, ловоровите листови и на крај црвен пипер. Ставете го оризот и се’ лесно измешајте.
Виткајте сарми и редете ги во соодветен сад. Најдобро е на дното на садот да ставите малку масло и ситно сечкана зелка. Секој ред наредени сарми малку прскајте го со масло.
Кога ќе ги наредите сармите налијте вода, да бидат покриени, наросете црвен пипер и варете околу два часа на тивок оган.

30.Дагњи на бузара
Потребно е:
600 – 700 г. дагњи
1 главичка кромид, ситно сечкан
50 мл бело вино
малку маслиново масло
1 главичка кромид, ситно сечкан,
2 – 3 чена лук,
ситно сечкан,
свеж магдонос, сечкан
сол, црн пипер
Подготовка:дагњите измијте ги во ладна вода.
На малку масло пропржете го кромидот, додајте ги исчистените и измиени дагњи и мешајте една минута. Додајте ги лукот и зачините, ловор, налијте вино, малку вода – не премногу бидејќи не треба да пливаат во вода туку да има пареа за да се отворат и сварат.
Покријте и оставете да зоврие, протресете го садот, и оставете уште неколку минути, се вкупно да варите околу 10. минути, откако ќе зоврие.
На крај додајте сечкан магоднос и веднаш послужете.

29.Полнети лигњи
Потребно е:
1 кг лигњи
1 шоља варен ориз
2 главички кромид
сечкан магдонос
1/2 шоља масло
3 зрели домати
1/3 шоља црно вино
сол
Подготовка:лигњите исчистете ги, измијте, да останат само трупот и пипците.
На врело масло пропржете ги ситно сечканите пипци и кромид. Од доматите направете каша, додајте ситно сечкан магдонос, сол, црн пипер, ориз и малку вода. Варете додека течноста не испари и со смесата наполнете ги лигњите.
Наредете во намрсен плех и намачкајте ги со масло.
Печете околу еден час на умерена темература.

28.Посни палачинки
Потребно е:
3 шољи брашно
2,5 шољи минерална вода
1 лажица шеќер
малку сол
1/2 лажичка прашок за печиво
1 кесичка ванилин шеќер
Подготовка:брашното измешајте го со киселата вода,шеќерот, ванилата, печивото и малку сол, се’ изматете со миксер додека не добиете ретка каша. Додајте 1 лажица масло и се уште малку измешајте.
Палачинките испржете ги на класичен начин, а пред секое пржење ставете малку масло.
Испржените палачинки филувајте ги со мармалад, наросете со мелени ореви и шеќер, или рендани јаболки со шеќер и цимет, или друг посен фил. Завиткајте во ролна или префрлете на четвртинки. По желба украсете со течно чоколадо.

27.Ајвар штангли
Потребно е:
Кора:
100 мл кисела вода
100 мл пиво
8 лажици брашно
4 лажци ајвар
1/2 лажичка прашок за печиво
Фил:
200 г крекери
125 г маргарин
50 мл вода
100 г посен мајонез
1 конзерва туна
5 кисели краставички
За мачкање:
4 лажици ајвар
помал лист обланда
Подготовка:кора: сите состојки измешајте ги со лажица и смесата истурете ја во плех покриен со хартија за печење и ставете во рерна загреана на 200 степени. Печете околу 15. минути.
Фил: крекерите иситнете ги (истолчете или сомелете), полијте ги со вода па измешајте. Киселите крставички изрендајте ги, исцедете од водата, а туната исцедете ја од масло.Маргаринот изматете го и додајте ги останатите состојки за филот и се’ соединете па намачкајте ја кората. Преку филот намачкајте ајвар и се покријте со листот обланда.
Оставете да се излади, обландата да омекне, исечете на штангли и послужете.

26. Плескавици од риба
Потребно е:
300 г туна
500 г ослич
200 г сардини
100 г сварен ориз
100 г лебни трошки
1 главичка ситно сечкан кромид
2 чена лук
рендано морско оревче
сол, црн пипер
Подготовка: сварете го осличот и оставете да се излади. Потоа исчистете го и иситнете во блендер заедно со туната и сардините. Смесата истурете ја во друг сад и додајте ситно сечкан кромид и пасиран лук. Добиената смеса измешајте ја со сврениот и сув ориз и лебни трошки па зачинете со рендано морско оревче и сол и црн пипер.
Се убаво измешајте и формирајте плескавици кои ќе ги пржите на малку загреано масло.
Послужете со варени компири или друг зеленчук по ваш вкус.

25.Макарони со печурки
Потребно е.
500 г макарони
500 г печурки
100 г грашок
1 главичка кромид
2 чена лук
1 чаша бело вино
1 лажица брашно
2 лажици маргарин
1/2 шоља масло
сол, црн пипер
Подготовка:на врело масло пропржете ги ситно сечканите кромид и лук, додајте ги исчистените и исечени, на ливчиња, печурки и ситно сечкан магдонос Пржете додека не испари сета течност од печурките. Долијте вино и брашно разматено во 2 лажици вода. На крај додајте го грашокот и варете околу половина час на умерена температура.
Во меѓувреме сварете ги макароните, исцедете ги и ставете во длабока чинија и полијте со малку истопен маргарин и сосот од печурки.

24.Посни лазањи
Потребно е:
9 листови лазањи
1 главичка кромид
соја во трошки
2 шољи сос од домати
2 чена лук
оригано
млеко од соја (или вода во кој се варел зеленчукот)
масло
2 лажици брашно
бел бибер
по желба тофу (сирење од соја)
Подготовка:листовите лазања варете ги во насолена вода што врие додека не омекнат.Извадете ги на мокри кујнски крпи.
Сојата натопете ја со врела вода и оставете да омекне.
Пропржете ги ситно сечканиот кромид и лук и додајте ја сојата. Кога ќе се пропржи, налијте со сосот од домати и додајте оригано. Динстајте уште 10. минути додека смесата не се згусти.
Во друг сад пропржете го брашното на масло и со постојано мешање додавајте млеко од соја или супа од зеленук. Кога бешамелот ќе се згусти додајте сол и бел пипер.
Во тавче намачкано со масло или маргарин ставете три листови лазања, полијте со сос, потоа бешамел, па повторно лазањи, сос, бешамел и по површина повторно лазањи. Полијте со бешамел и сос од домати. Ставете во рерна загреана на 200 степени и печете околу 45. минути. По потреба покријте со алуминиумска фолија да не прегори.

23.Пица со зеље
Потребно е:
1 тесто за пица
500 г спанаќ или некое друго зеленило (блитва, зеље)
1 лажица капари
3/4 шоља црни маслинки
1 чен лук
3/4 шољ масло
сол, црн пипер
Подготовка:исчистеното и измиено зеље обарете го во насолена вода, исцедете. Од маслинките извадете ги коските и исечете на кришки.Исечкајте го лукот и пропржете на малку масло, извадете и фрлете (доволно е маслото да го поприми мирисот од лукот). Додајте го зељето, маслинките, зачини и се промешајте па пржете неколку минути.
Тестото за пица намачкјте го со масло и ставете го претходно подготвениот фил. Ставете во рерна згрена на 180 степени и печете околу 30. минути.

22.Тиква полнета со грав
Потребно е:
1 слатка тиква од околу 5 кг
800 г крупен грав
800 г кромид
250 мл масло
црвен пипер
сол, црн пипер
мешани зачини
1 чадена скуша
Подготовка:гравот измијте ги и ставете во сад со вода, нека набабрува преку ноќ. Утредента истурете ја водата, налијте нова и варете 15. минути. Повторно исцедете ја водата и налијте нова па продолжете со варењето.
Кромидот исчистете го и ситно исечкајте и пржете на масло. Кога ќе поцрвени додајте црвен пипер, црн пипер, сол,зачинска сол по вкус.
Гравот исцедете го од водата, но не потполно. Кога ќе се додаде запршка треба да биде густ. Испржениот кромид додајте го во гравот и се убаво измешајте. По потреба дополнително зачинете.
На тиквата исечете и го врвот и издлабете ја средината. На дното на тиквата ставете чадена (исчистена) скуша, а над рибта истурете го гравот. Покријте со капакот од тиквата.
Во плех за печење ставете 1 чаша вода ставете ја наполнетата тиква.Рерната загрејте ја на 150 степени и печете околу три часа.
Тиквата сервирајте ја цела. Извдаете го капакот и ставете
црпалка.Послужувајте од грвот но грабајте и од печената тиква. Ќе ве изненади вкусот.

21.Пролетна супа
Потребно е.
1/2 главичка кромид
2 лажици брашно
5 лажици масло
3 чена лук
1 лажица сечкан магдонос
2 моркови
1 лажичка пире од домати
250 г исчистени компири
300 г грашок
200 г моркови
зачинска сол
Подготовка:кромидот исистете го и ситно исечкајте.
На загреано масло пропржете го кромидот, додајте брашно, пасиран лук, магдонос и ситно сечкан морков. Налијте со 1 литар вода и варете половина час на средна температура. Потоа исцедете ја супата, но не ја фрлајте течноста.
Зеленчукот испсирајте го и вратете во течноста. Измешајте и додајте на коцкички сечкан компир и грашок. Зачинете по вкус и додајте пире од домати. Налијте со уште малку вода, ако треба и завршете го варењето. Супата не треба да биде премногу густа.
Варете додека компирот и грашокот не бидат сврени, зачинете по вкус и послужете.

20.Посен солен ролат
Потребно е:
1 кг компири
100 г спанаќ или врзоп блитва
100 г ориз
2 моркови
врзоп магдонос
100 г маринирани шампињони
1/2 лажичка црвен пипер
1/2 лажичка лук во прав
100 г посен мајонез
50 г кечап
50 г сусам
Подготовка:компирите излупете ги, измијте, исечете на кришки и сварете во насолена вода. Посебно обарете го спанаќот (блитвата). Се’ исцедете од водата па заедно испасирајте (компири и спанаќ). Насолете и со сукало на намрсена хартија за печење (или алуминиумска фолија), наросена со сусам, развлечете кора.
Оризот сварете го, посебно сварете го морковот па исечкајте на ситни коцки и измешајте со оризот, зачинете по вкус, додајте ситно сечкани шампињони, црвен пипер и лук.Се’ убаво измешајте и нанесете на кората од компири и спанаќ.
Завиткајте ролат и оставете во фрижидер околу два часа.
Ролатот пред служење намачкајте го со посен мајонез, украсете со кечап и наросете со сусам.

19.Бомбици од костени
Потребно е:
1 кг костени
300 г шеќер
какао
мелени ореви
Подготовка: костените сварете ги, исчистете и сомелете. Од шеќерот направете сируп како за слатко. Измешајте го костенот со сирупот па обликувајте топчиња. Какаото сварете го во малку вода па во таа смеса натопувајте ја секоја бомбица и потоа валкајте во мелени ореви.

18.Ембарго коцки
Потребно е:
1 кесичка цимет
1 кесичка ванилин шеќер
1 кесичка прашок за печиво
1 чаша сечкани ореви
1/2 чаша масло
2 чаши брашно
1 чаша вода
1 чаша шеќер
1 лажица какао
3 лажици џем или мармалад
Подготовка:сите состојки ставете ги во поголем сад и убаво измешајте.
Истурете во соодветна тава намачкана со масло и наросена со брашно и испечете на умерена температура.
По желба колачот полијте го со глазура од чоколадо.

17.Риба со зеленчук

Потребно е:
500 г филети
300 г домати
200 г кромид
200 г пиперки
200 мл бело вино
2 чена лук
2 лажици маслиново масло
мирудии
оригано
сол, црн пипер
Подготовка: зеленчукот исчистете го и измијте. Филетите исечете ги на 4 дела.
Во сад ставете масло па ставете ја рибата. Над нив наредете ги круговите кромид, сечкана свежа пиперка и на коцки исечени домати.
Нафрлете ситно сечкан лук, наредете неколку кругови лимон, малку зачинска сол и оригано.
Налијте со бело вино и динстајте околу 25. минути.

16.Посни кифлички со кисела вода
Потребно е:
500 г брашно
1/2 литар кисела вода
1/2 коцка квасец
4 лажици шеќер
3 рамни лажички сол
9 лажици масло
Подготовка: свежиот квасец измешајте го со 1 лажичка шеќер, млака вода и малку брашно да добиете ретка кашичка. Оставете на топло да стасува па со наведените состојки замесете тесто.
Оставете на топло повторно да стасува.
Тестото истенчете го, исечете на триаголници и виткајте кифли. Намачкајте со малку масло и оставете повторно да стасуваат.
Потоа испечете во загреана рерна.

15.Суви пиперки полнети со компири
Потребно е:
10 суви пиперки
2 филџани ориз
250 г кромид
250 г компири
црвен пипер
брашно
магдонос
масло
сол, црн пипер
Подготовка:сувите пиперки измијте ги и попарете со врела вода.
На загреано масло пропржете ситно сечкан кромид. Додајте го измиениот ориз, крупно рендан компир, црвен пипер, сол, црн пипер. Со добиената смеса полнете ги исчистените и изладени пиперки, затворете со чепкалки.
Наредете во намрсена земјана тава, а помеѓу пиперките ставете компири исечени на кругови. Во чаша вода растворете го брашното, сечкан магдонос, масло и сол па полијте ги пиперките. Покријте и испечете.

14.Салата од ротквички и рен
Потребно е:
4 врзопи ротквички
1 корен рен
4 лажици масло
3 лажици вински оцет
Подготовка:ротквичките и ренот измијте ги. Ротквичките исечете ги на кругови, а ренот излупете го и изрендајте па измешајте со ротквичките. Додајте масло, сол, оцет и зачинете по вкус.

13.Посен качамак
Потребно е.
пченкарно брашно
вода
сол
Подготовка: во длабок сад ставете вода. Насолете и ставете на рингла да зоврие.Во водата истурајте пченкарно брашно. На средина направете отвор да навлегува водата. Не ја мешајте смесата.
Варете на ниска температура, околу половина час.Кога ќе се направи каша тргнете од ринглата и истурете ја одвишната вода. Убаво измешајте го качамакот да нема грутки. Ако качамакот е сув додајте вода, од таа што сте ја истуриле.
Вратете на рингата и варете уште две минути. аВрете додека не почне да се одвојува од садот.
Истурете го качамакот на тава, израмнете и исечете на парчиња.

12.Сутлијаш со вишни
Потребно е.
10 портокали
4 филџани ориз
200 г суво грозје
300 г вишни
1/2 лажичка нишесте
Подготовка: исцедете ги портокалите, во сокот додајте малку вода и рендана кора од портокал и во тоа сварете го оризот заедно со сувото грозје.
Кога ќе се излади,обликувајте по желба и полијте со вишни кои претходно сте ги вареле со малку вода и нишестето.

11.Солен колач од компири
Потребно е:
500 г брашно
30 г квасец
250 мл вода
30 м маслиново масло
200 г компири
200 г сладок компир
1 малечка црвена пиперка
рузмарин
2 чена лук
40 мл маслиново масло
суви зачини по вкус
Подготовк:квасецот изронете го во млака вода, убаво измешајте и истурете во исеаното бршно. Додајте маслиново масло и насолете, па замесете тесто и оставете да стасува, 10 – 15 минути.
Во меѓувреме излупете ги компирите и исечете ги на тенки кругови. Пиперката измијте ја, исчистете и ситно исечкајте, а лукот изрендајте го и измешајте со маслиновото масло и рузмаринот.
Стасаното тесто развлечете го во плех кој сте го намачкале со масло.
Наредете кругови компири, наросете со ситно сечкана пиперка и намачкајте со маслото со лук и рузмарин.
Наросете со зачини и печете околу 35. минути на 200 степени.

 

10.Пастрмка со бадеми
Потребно е:
4 пастрмки
100 г бадеми
100 г маргарин
сол
100 мл лимон
30 г брашно
Подготовка:филетите пастрмка насолете ги и намачкајте со сок од лимон.Валкајте ги во брашно и на загреан маргарин испржете од двете страни.
На истата маснотија пропржете ги ливчињата бадеми.
Бадемите нафрлете ги по пастрмките и послужете.

9.Сува пита
Потребно е:
500 г тенки кори
500 г мелени ореви
150 г суво грозје
500 г шеќер
малку масло
лимон
малку вода
Подготовка:во намрсен плех редете по две кори, секоја испрскајте ја со масло, а преку секоја втора ставајте од мелените ореви, суво грозје и малку рендана кора од лимон. Редењето завршете го со кори.
Со тенок нож питата исечете ја на коцки.
Испечете во умерено загреана рерна.
Испечената пита полијте ја со врел сируп и покријте со влажна кујнска салфета.
Питата послужете ја кога добро ќе се излади.

8.Мусака од варена пченица
Потребно е:
500 г варена пченица
300 г праз
300 г рендан, свеж, морков
маслиново масло
100 г посен кашлавал
оригано
суви зачини
сол, црн пипер
црвен пипер
Подготовка:исечкајте ги празот и морковот па издинстајте на маслиново масло.
Додајте ја варената пченица и зачините па во нмрсена земјана тава истурете дел од кашата. Преку неа изрендајте кашкавал. Повторно пченица, кашкавал. По
површината наросете оригано. Ставете во рерна загреана на 180 степени и печете десетина минути.

7.Салата од целер, компири и копар
Потребно е:
500 г компири
200 г целер
60 г капари
50 г маслинки
1 црвена пиперка
100 г посен мајонез
сол, црн пипер
магдонос
Подготовка:компирите измијте ги и сварете со кора. Оставете да се изладат, излупете и исечете на кругови.
Целерот исчистете го и исечете на кришки.
Пиперката измијте ја и ситно исечкајте, а на маслинките извадете им ги коските.
Измешајте ги компирите со копар, пиперка, магдонос, маслинки, целер. Додајте посен мајонез, зачинете по вкус и се’ убаво измешајте.

6.Мусака од јаболки и компири
Потребно е:
500 г исчистени компири
500 г исчистени јаболки
6 лажици масло
1 поголема главичка кромид
1 рамна лажичка босилок
200 мл бело вино
100 мл вода
1 лажичка шеќер
сол, црн пипер
Подготовка:на 3 лажици масло, на умерена температура пропржете го ситно сечканиот кромид. Додајте малку сол и босилок. Кога кромидот ќе биде испржен тргнете на страна. Во посебен сад ставете 3 лажици масло, вино, вода, шеќер и варете додека не зоврие, па тргнете на страна малку да се излади.
За тоа време јаболките и компирите исечете ги на тенки ливчиња. Во огноотпорен сад редете наизменично ред јаболки, ред компири, додека не потрошите се. Завршете со ред компири.
Преку тоа ставете го испржениот кромид, насолете, наросете со црн пипер и зачинете по вкус па истурете ја смесата со вино.
Покријте со алуминиумска фолија и ставете да се пече во рерна загреана на 220 степени.
После еден час печење извадете ја фолијата и вратете да се пече уште половина час на 180 степени.

5.Вариво со сом и коприви
Потребно е:
800 г филети сом
150 г листови млади коприви
200 г перц млад кроид
1 филџан (мал) ориз
50 мл домашно пире од домати
1/2 лажичка црвен пипер
1/2 лажичка зачинска сол
сол, црн пипер
Подготовка:копривите измијте ги и исчистете. Перцата млад кромид измијте ги и ситно исечкајте. Филетите сом исечете ги на парчиња.
На малку масло пропржете го младиот кромид додека не омекне.
Потоа додајте ги младите коприви (не мора да се сечкаат) и пржете неколку минути со кромидот. Додајте го оризот и налијте со 1 литар врела вода. Насолете и покријте да се вари на умерена температура додека оризот не биде на пола варен.
Потоа додајте ги парчињата сом и продолжете го варењето, покриено, со повремено мешање додека оризот и рибата не бидат потполно сварени.
Додајте пире од домати и црвен пипер.
Пред крај зачинете по вкус.
Јадењето не смее да има течност.

4.Рафаело бомбици
Потребно е:
500 г шеќер
1 маргарин
500 г млеко од соја во прав
300 г кокос
100 г печени лешници
кокосово брашно
Подготовка:од шеќерот со малку вода направете густ сируп. Додајте го маргаринот, нека се истопи, млекото во прав и 300 г кокос. Убаво измешајте да добиете хомогена смеса. Од неа правете топчиња и во средина на секоја ставајте по еден печен лешник, повторно обликувајте топче и валкајте во кокосово брашно.

3.Чаден шаран
Потребно е:
1,5 кг чаден шаран
1 лимон (сок)
2 – 3 листа зелена салата
3 – 4 пиперки, од туршија
маслиново масло
Подготовка: чадениот шаран преку ноќ оставете го во ладна вода да омекне и водата да ја извлече солта.
Потоа треба добро да го исцедите и исечете на парчиња и ставите во вода што врие да се вари околу 20. минути.
Извадете од течноста, исцедете и ставете на чинија за послужување обложена со зелена салата.
Вака подготвениот шаран полијте го со маслиново масло и сок од лимон.
Сервирајте со варени компири или пиперки од туршија.

2.Чорба од тиква
Потребно е:
1 кг тиква
малку цимет, парче
1 главичка кромид
7 чена лук
1 лажичка ким во прав
2 лажици малтекс
1 лажица морска сол
2 лажици ладно цедено масло
1 литар вода
Подготовка:на загреано масло малку пропржете ги зачините, додајте сечкан кромид и динстајте додека омекне.
Тиквата исечете ја на коцки и додајте во зачините, динстајте 15. минути и налијте вода. Кога чорбата ќе зоврие, намалете ја температурата и динстајте додека тиквата не омекне.
Во сварената чорба додајте малтекс и извадете го циметот па се’ измиксајте да се добие крем со средна густина.

1.Бонжита
Потребно е:
200 г мед
100 г чоколаден корнфлекс
100 г шеќер
200 г бадеми
50 г сусам
200 г маргарин
200 г посно чоколадо
100 г суво грозје
Подготовка:измешајте ги маргаринот, шеќерот, медот и чоколадото, во соодветен сад и загревајте додека состојките не се стопат.
Потоа садот тргнете го од ринглата и додајте го сечканиот печен бадем, сувото грозје,испржениот сусам и корнфлексот.
Смесата добро измешајте ја и истурете во тава покриена со хартија за печење и убаво притиснете.
Вака подготвената бонжита оставете ја 2 – 3 часа во фрижидер, добро да се стегне.
Изладената бонжита исечете ја на штангли и послужете.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...
Loading...

Видете следно

(Рецепт) РУСКА МЕДИЦИНА – Ослободете се од дијабетесот без лекови: Природен рецепт кој ја исфрлува болеста од вашето тело!

Ако редовно го користите овој природен лек, шеќерот во вашиот организам ќе биде под контрола… …