(ВИДЕО+ФОТО) Интервју – Вардан Тозија:„Најтешко е да се создаде добар производ, без разлика дали предизвикува насмевки или солзи!“

Ако некој и’ не го следел опусот на Вардан Тозија тогаш после „Џган“ и работата на сериите „На терапија“ и „Преспав“ сигурно слушнал за младиот режисер кому филмот му е во крвта и кој тежнее да раскаже своја приказна и свое видување на нашето секојдневие…

„Мојата желба е да внесам жанровски одредници и поинаква перспектива во вечните теми и конфликти, да се обидам да го извадам нашиот гледач од времево во кое живуркаме…“

Добивте награда за пост продукција на иден филм „М“. До каде се подготовките за снимање?
– Искрено, не очекував дека ќе ја добиеме главната награда на ко-продукцискиот филмски маркет „Агора“ во Солун. Набрзо потоа, и хрватскиот национален аудио-визуелен центар одобри ко-продукциско учество во „М“. Секое меѓународно признание, финансиски или креативен влог во нашиот филм не’ носи чекор поблиску до негова реализација, но и го зголемува притисокот да се оправдаат очекувањата. Планот е снимањето да започне кон крајот на јули, низ повеќе локации во земјава и надвор од неа.

„Џган“ како тема го обработува животот на едно момче кого низа од свирепи околности од тивко и повлечено момче го претвораат во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници …Но и „М“ кој го очекуваме има слична тематика.Мислите дека во Македонија нема привлечни теми за екранизација?

– Напротив. Македонија, со своите апсурди, подвоености и премрежија, е неисцрпен вруток на привлечни теми за екранизација. Неправдата е основна премиса за драмски конфликт, а ние ја имаме во изобилие. Сепак, иако добро знам на кое дереџе сме паднати, не се согласувам дека таа состојба треба да не’ дефинира пред светот. Не прифаќам по секоја цена да ја извезуваме нашата мизерија само за да ги задоволиме апетитите на некакви квази-интелектуални, елитистички кругови. Приказните за борбата на поединецот спроти механизмите на моќта не мора секогаш да се раскажуваат исклучиво преку локална, хипер-реалистична патетика. Мојата желба е да внесам жанровски одредници и поинаква перспектива во вечните теми и конфликти, да се обидам да го извадам нашиот гледач од времево во кое живуркаме.

Вашиот опус е голем и можеме да кажеме во сите „категории“ врзани за камерата…Имавте и два телевизиски ангажмани…„На терапија“ мина одлично кај публиката, но „Преспав“ како да воведе некои нови и убаво норми за телевизиските гледачи..
– Двете серии беа предизвикувачки на различен начин. Форматот на “На терапија“ беше прилично специфичен – херметичен во своето просторно дејствие, а преширок од аспект на психолошкиот спектар на ликовите. Сепак, се покажа дека нашата публика поседува капацитет за да проследи и да прифати една сублиминално вознемирувачка психолошка драма. Од друга страна, “Преспав“ беше авантура која исто така застрашуваше. Пласирање на политичка и општествена сатира во крајно осетливи времиња, кога насмевките на луѓето се реткост, е навистина тешка задача. Мислам дека тимот што стои зад Преспав, заедно со актерскиот ансамбл, низ голема професионалност и посветеност, успеаја да најдат “рецепт“ како да го нијансираат и дозираат хуморот во серијата без да предизвикаат антагонизам кај домашната публика.

Што секој од овие ТВ ангажмани значеше за вас – едниот сериозен, психолошки, а другиот комичен…Иако се вели дека најтешко е да се направи комедија?
– Секој жанр носи своја комплексност и тежина. Кога се работат дијаметрално различни жанрови во краток период постои и едно чувство на подвоена личност. Авторите најчесто минуваат низ состојбите на протагонистите што живеат во нивните дела. Сепак, сметам дека најтешко е да се создаде добар производ, без разлика дали предизвикува насмевки или солзи.

Од што досега Вардан Тозија е најзадоволен – од својата работа?
– Не би можел да издвојам. Созревам во чекор со мојата професија. Во секој филм постојат сегменти што ги сакам, но и грешки од кои се трудам да научам. Во моментов сум можеби најзадоволен од текот на приказната на филмот што се’ уште не е снимен, но е веќе, на некој начин, оформен во мојата глава. Тоа ме движи напред.

Тешко ли е во Македонија да се работи филм?
– Повеќе од тешко. Кога се снима филм, авторот се соочува со конкуренција од светската кинематографија. Безмалку секој ги гледа на дневна основа најголемите филмски достигнувања, и бара референтност со тоа што му се нуди на домашната сцена. А условите и можностите тука се далеку од идеални. Дополнително, во мала, неразвиена средина како нашата, во секој општествен сегмент виреат локални опортунисти, профитери, самопрогласени генијалци… Филмската дејност не е исклучок. Напротив, непостоењето на здрава критичка маса која би ја определила вредноста на едно дело е идеална околност за релативизирање и заслепување на јавноста. Тоа дополнително го усложнува процесот на градење на здрава кинематографија.

Вашиот колега Данис Тановиќ се нафати на режија на тв серијата на ХБО – „Успех“. Мислите ли дека телевизискиот медиум е предизвик за потврдените режисери?
– Апсолутно. Влеговме во новото “златно доба“ на телевизијата. Големите серии нудат поголема инвентивност, содржина, храброст во раскажувањето. Телевизијата стигнува до далеку поголем број на гледачи, кои се навикнати на комфорот на своите домови. Од друга страна, инертноста на денешната филмска индустрија се’ повеќе ја отуѓува публиката од киното и тоне во состојба на зачмаеност, ступор.

Се очекува „М“,за кој го напишавте и сценариото, што посакува Вардан Тозија во перспектива…
– Посакувам да создадам приказна што ќе биде допре до чувствата на публиката, и ќе потсети на магијата која постоела кога филмот се’ уште значел нешто. Филм без компромиси и калкулации за допадливост и верификација од страна на “релевантни“ мислители. Ништо повеќе од тоа. Свесен сум дека тоа можеби одекнува како илузија или детска мечта, но секоја друга алтернатива ми е неприфатлива.

Филмот нема граници – дали го имате тоа чувство во својата работа?
– Доколку би го немал, секако дека би се бавел со друга професија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Славната тенисерка родила девојче и открила кое популарно име и го дала

Каролина Возниацки стана мајка. Поранешната данска тенисерка со нејзиниот сопруг и поранешна НБА sвезда Дејвид …