Репертоар на театар за деца и младинци од 10. до 13. јануари: Во четврток ќе се игра „Оливер Твист„

10.01 (четврток) „Оливер Твист“
Претставата е работена според истоимениот роман на Чарлс Дикенс, кој е лектира во основното образование. Извонредната драматизација на добро познатата приказна, овојпат во стихови од страна на режисерот Срѓан Јаникијевиќ, им нуди на децата една сосема несекојдневна, нетипична и досега невидена детска претстава на нашата сцена. Жанрот на претставата е оперета.

Детето Оливер, филигрански одиграно од големата актерска надеж на овој театар Бојан Кирковски, е жртва на застарените општествени норми, според кои дете што е зачнато и родено вон брак е срам за целата фамилија. Заради непопустливоста на неговиот дедо по мајка, Оливер Твист израснува во сиропиталиште. Продаден да чиракува кај гробар побегнува во Лондон. Авантурите во Лондон што го носат на трагата на неговите дедо и полубрат, се проткаени со пеење и свирење во живо. Живото пеење и актерското следење на приказната доминираат за време на целата претстава. Оливер Твист е една од најбараните и најпосетуваните претстави кај децата над 8-годишна возраст.
Во претставата играат: Бојан Кирковки, Трајче Ѓорѓиев, Драган Довлев, Наташа Петровиќ, Мартин Јорданоски, Мики Анчевски, Изабела Новотни, Симона Спировска, Ненад Митевски.
Дизајн на сцена и костими: Кирил Василев.
Музика: Игор Василев.

11.01. (петок) „Сонот на Вилијам“

Секоја вечер, пред спиење, мајката и синот Вилијам имаат свој мал ритуал: разговараат за тоа што им се случило претходниот ден. Вилијам ѝ го открива на мајка му својот страв од утрешниот настап во училишната претстава. Всушност, тој и неговите другари треба да одиграат една комична сцена во претставата „Сон на летната ноќ“.
Тој се сомнева во својата подготвеност добро да го изговори текстот. Дополнителен проблем е што на утрешната проба ќе присуствуваат децата од целото училиште, а помеѓу нив ќе биде и Јулија, девојченцето кон кое негува посебно нежни чувства. Мајка му го бодри, го поддржува и се обидува да го охрабри и да му ја отстрани несигурноста. Вилијам набрзо заспива. Во лулката на Младата месечина се препушта на авантурите на сонот. И, како што бива само во соништата, во соништата каде што сѐ е можно и сѐ е дозволено, „… од јавето ти сништа ковеш, а сега од сонот јаве да навезеш!“ (Песни, Лаза Костиќ)
На Вилијам му се привидуваат ликовите од претставата во која треба да настапи: неговите другари, Јулија, како и други ликови од Шекспировите дела. Утро е и Вилијам се буди, возбуден. Не знае дали е јаве или сон тоа што му се случило. Истовремено, таа ноќ и мајка му имала чудни соништа. Разговарајќи со Вилијам, двајцата сфаќаат дека ноќта била волшебна. Тоа е ноќта спроти Иванден, ноќ на летната рамнодневница кога се случуваат најразлични чуда и сите, понесени од заводливата Луна, како да сонуваат со отворени очи. Сѐ е на граница меѓу СОНОТ и ЈАВЕТО. Вилијам како да добива самодоверба за настапот и, што е најважно, како да пораснал и созреал преку ноќ.
„Сонот на Вилијам“ претставува бесконечна игра меѓу сонот и јавето, реалноста и фантазијата, спокојот и страста, светот на децата и светот на возрасните. Во претставата, како впрочем и во делата на Шекспир, се поставуваат вечните прашања за другарството, љубовта, емпатијата, добрината, правичноста, доблеста, храброста… И како да ги препознаеме нивните контрапункти. Најсуштествените прашања и дилеми што човекот го прават да биде ЛИЧНОСТ и темел на едно цивилизирано, емпатично, еколошки освестено и хумано општество.
Адаптација на драмите, кореографија и режија: Кренаре Невзати – Кери
Играат: Бојан Кирковски, Катарина Илиевска Силјановска,Симона Спировска,Мики Анчевски,
Мартин Јорданоски,Марија Ѓорѓијовска,Бојан Лазаров,Наташа Петровиќ,Емра Куртишова,
Винета Дамческа.

12.01(сабота) „Пепелашка“

Ликовите на Пепелашка која не губи верба, Принцот кој не престанува да ја бара вистинската љубов, Маќеата која врие од злоба, двете полусестри кои луто се караат која е поубава, кралот кој сака само да го жени принцот, расеаната, добра и весела самовила, трапавите симпатични животни и еден слуга кој прави глупост само што ќе мрдне со малото прсте влетуваат во еден брз сплет на
смешни, стрмоглави, неизвесни и среќни случки. Па така како што само животот знае да ги намести нештата, вербата на Пепелашка и Принцот и луѓето околу нив, ги носат сите на едно место во исто време.
Играат: Наташа Петровиќ,Ненад Митевски,Катарина Илиевска Силјановска,Емра Куртишова,Симона Спировска,Бојан Кирковски,Марија Ѓорѓијовска,Мики Анчевски,Владимир Лазовски,Мартин Јорданоски,Ана Левајковиќ Бош.

13.01.(недела) „Бајка за царот Нај“

Во една далечна земја живеел добар, мудар, силен, млад и убав цар. Но, тој наместо да зборува рикал како лав и кај луѓето предизвикувал страв. За да најде лек за својата мана царот патувал години седум низ триесет и три земји редум. По пат наидувал на чудесни предели, ама и на непрегледни пустини, непроодни планини и реки; среќавал чудни луѓе и уште почудни животни. Откако поминал и низ Земјите на Темнината, на Лалињата, на Криновите, на Џиновите и побегнал од Земјата на Дебелковците, пристигнал во Земјата на Модрите Луѓе. Таму, страшниот црвен змеј паднал мртов кога ја чул неговата рика и во тој миг царот проговорил со човечки глас.
Дочекот на царот во неговото царство бил величествен. Десет дена сите ѕвона без престан ѕвонеле и насекаде одекнувале радосни извици:
– Да живее нашиот цар “Нај”!
А тој пак често се сеќавал на зборовите на Желбаш од прекрасната земја Желбадаж и на Вилдон, царот на сите вилимени: “Добрина во срцето имај ти, патот пред тебе ќе се отвори” и “Среќа тебе даде – среќа мене иде”.
Среќата им се насмевнува на оние кои имаат добрина во срцето и кои таа добрина ја подаруваат на другите. Така, по извесно време пред царот одненадеж се појавила девојката Сончев Цвет која ја сретнал и во која се вљубил на почетокот на патувањето.
А што се случило потоа? Досега не се чуло за поубава, пораскошна и повесела свадба од таа на Сончев Цвет и Царот Нај.
Играат:Бојан Кирковски,Катарина Илиевска Силјановска,Ненад Митевски,Емра Куртишова,Симона Спировска,Винета Дамческа,Мики Анчевски,Мартин Јорданоски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...
Loading...

Видете следно

(ВИДЕО) Ѕирнете во гламурот на „кралската небеска палата“: Ова е најлуксузниот авион на светот!

Пред пет години „Four Seasons” ја дизајнирал луксузната атракција „Private Jet Experience”. „Кралската палата на …