По 17ти пат Мандолинскиот оркестар Скопје повикува на музичко концертно уживање

На 12 декември (среда), со почеток во 20.00 часот во Фоајето на Македонската опера и Балет, мандолинскиот оркестар Скопје ќе го одржи својот традиционален предновогодишен концерт. Ова ќе биде 17ти по ред годишен концерт на искусните музичари – мандолинисти и ветуваат богата и исполнета програма со дела од светските класици.
На репертоарот се оригинални дела, композиции создадени за мандолински оркестар и тоа од К. Мандонико, Д. Крајдлер, Д. Хакнет, С. Рахмањинов, А. Карас, И. Ордуљ и Љ. Бранѓолица. Оркестарот ќе биде предводен од искусните и реномирани диригенти Рамадан и Ерхан Шукри.
„Мандолинскиот оркестар Скопје е единствен по својот состав, репертоар и начинот на музицирање. Негува една специфична музика и звук што нашата, домашна публика нема можност често да ја слушне и доживее, а посебно од музичари како што се во овој оркестар. Делата создадени за мандолински оркестар се реткост да се слушнат и изобилуваат со една уникатна лиричност и емоција, па затоа овој годишен концерт е своевиден сублимат на сите посебности и причини зошто треба да се проследи“, изјави Ерхан Шукри, диригент.

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во своите 17 години постоење бил добитник на многу први, специјални награди на престижни фестивали и натпревари надвор од Македонија, како и на Гран При награди освоени во Имотски и Москва. Како носител и амбасадор на македонската музичка традиција и култура, инструменталистите од овој оркестар исполнуваат и популарна забавна музика, стилизиран и обработен фолклор, дела посебно напишани за мандолински оркестри, композиции од македонски автори, како и композиции за деца. На годишните концерти секогаш се претставувал со неспорна виртуозност и музикалност, а репертоарот бил исполнет со најрепрезентативните дела од оперската, балетската и симфониската музика од светското музичко наследство.
За сите заинтересирани, влезот е слободен.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...

Видете следно

Докажаниот македонски тапанар кој го освојува светот, ќе ја отвори сцената на фестивалот UNDERFEST 2019 во Скопје

Никола Тони е познат македонски тапанар, музички селектор, Ди Џеј и уметник. Роден во Охрид …