Денеска е спомен на Светиот великомаченик Мина: Чудотворец кој помага но и казнува!

По потекло Мисирец и војник по занимање, свети Мина, како вистински христијанин, не можеше да го гледа одвратното жртвопринесување на идолите, па ја напушти војската, и градот, и луѓето, и сиот свет, та отиде во пуста планина. Бидејќи на свети Мина му беше полесно да живее со дивите ѕверови одошто со незнабожните луѓе. Еден ден, светителот го проѕре од далечина незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па се спушти во градот и пред сите ја објави својата вера во живиот Бог Христос, а ги разобличи идолопоклонството и незнабоштвото како лага и мрак. Кнезот на тој град, некој Пирос, го запраша свети Мина кој е тој и што е. Светителот му одговори: „Татковина ми е Мисир, името ми е Мина, бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести. Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно“.

Кога го слушна ова, Пирос го подложи свети Мина на големи маки. Го биеја, го стружеа со железни четки, го гореа со свеќи и го мачеа со разни други маки, и најпосле го убија со меч. Телото му го фрлија во оган за да не го земат христијаните, но тие сепак спасија од огнот некои делови. Овие остатоци ги погребаа чесно, а подоцна беа пренесени во Александрија и таму ги погребаа и над нив изградија црква. Свети Мина пострада околу 304 година и се пресели во Христовото Царство. Тој беше и остана голем чудотворец во двата животи, и на земјата и на небото. На секој што го слави свети Мина и во неволја со вера го повикува на помош, тој и му помага. Повеќепати се јавуваше како војник на коњ, за да им помогне на верните или за да ги казни неверните.

Светите маченици Виктор и Стефанида
Виктор беше роден римјанин, а по занимање војник, во време на владеењето на императорот Марко Аврелиј (161-180). Кога императорот почна да ги гони христијаните, Виктор одби да принесе жртва на боговите, а тоа задолжително жртвопринесување беше проверка на предаденоста на војниците кон боговите, императорот и татковината. Светиот Виктор беше предаден на мачење, но после сите измачувања остана неповреден. Со силата на молитвата тој го победи маѓесникот, кој од тој час се откажа од маѓесништвото и стана христијанин. По молитвите на светителот прогледаа војниците кои ненадејно ослепеа. Гледајќи ги сите чудеса кои се јавија од Господа преку Виктор, младата сопруга на еден од мачителите, Стефанида, отворено го прослави Христа, заради што беше сурово казнета: нозете ѝ ги заврзаа за две оптегнати палми. Кога дрвата се исправија ја растргнаа маченичката на два дела. Светиот Виктор го обезглавија. Мачениците пострадаа во Дамаск каде што потоа беа погребани.

Света Милица Српска
Света Милица беше жена на светиот кнез Лазар кој загина во време на косовската битка (1389 година), заштитувајќи ја Светата Црква од муслиманите. Таа управуваше со народот дури не порасна нејзиниот син Стефан (Високи). Во 1393 година, таа стапи во манастир и го доби името Евгенија. Кога нејзиниот син во 1402 година ја напушти земјата, таа и покрај монашкиот чин, управуваше со земјата. Светата Милица се грижеше за вдовиците, примајќи во манастирот многу жени чиишто мажи загинале на бојното поле, помагаше и поддржуваше многу манастири и цркви. На крајот на животот прими велика схима добивајќи го името Ефросинија. По нејзината смрт изврши многу чудеса. Нејзините мироточиви мошти имаат исцелено многумина болни.

Светиот маченик Викентиј ѓакон
Од Сарагоската епархија во Шпанија. Страшно намачен за Христа, најпосле го испекоа на железна решетка. Својот дух Му го предаде на Бога во 304 година. Телото му почива во Рим во црквата што му е посветена.

Преподобен Теодор Студит
Прочуен игумен на Студитскиот манастир, голем страдалник за иконите, мудар устроител на манастирскиот живот, боговдахновен учител на Православието и чудесен подвижник. Се упокои во Цариград во 826 година, во шеесет и осмата година од животот.

Светиот маченик Стефан Дечански, крал српски
Син на српскиот крал Милутин и татко на царот Душан. По наредба од својот неинформиран татко беше ослепен, а по наредба на својот лекомислен син на старост беше удавен. При ослепувањето му се јави свети Николај во храмот во Овче Поле и му ги покажа очите велејќи: „Стефане, не плаши се, еве ги твоите очи на мојата дланка, во свое време ќе ти ги вратам“. Пет години помина во Цариград како заробеник во манастирот Пантократор. Со својата мудрост и со својот подвиг, со кротоста и благочестието предничеше не само пред монасите туку и пред сиот Цариград. Кога се навршија пет години повторно му се јави свети Николај и му рече: „Дојдов да го исполнам ветувањето“. Светителот го осени слепиот крал со знакот на крстот и кралот прогледа. Од благодарност кон Бога го изгради Дечанскиот храм, едно ретко прекрасно дело на византиската уметност. Животот го проживеа и го заврши како маченик во 1336 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

КОРОНАВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА – ПРЕМНОГУ ПОЧИНАТИ: Денеска се регистрирани 627. нови случаи на Ковид 19 – 47. лицa ја загубија битката со вирусот!

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје: Во последните 24 часа …