(ФОТО) 92.годишен прилепчанец лекува и исцелува: 30. години на луѓето им помага за се и сешто, а лекар не посетил никогаш во животот!

– Трајче Јованоски – мало, ама здраво човече
– Чаре наоѓа за жени, за мажи и за деца, дури и за добиток

Ако патот низ Прилеп не води кон улица „Крушевска“, на самиот влез оддесно, сигурно прв лик што ќе го сретнеме е Трајче Јованоски, седнат на каменот пред својата порта.
Мало човече, со наочари. Многу жилаво, вредно и здраво. Има 92. години и не се жали од ништо.
Како да не постојат болести за него. Болестите како да се измислени за други. Во 21. век лесно е да најдеш болен човек, а со фенер да бараш како нашиов јунак завлезен во десеттата деценија од животот.
„Болен никогаш не сум бил. Не сум бил на доктор никогаш од раѓање. Сите на доктор одат, само јас – не. Немам потреба. Пред многу години бев еднаш-двапати за наочари да земам упат. Требаше нешто да снимам: крв, незнам што беше. Ми дадоа апче, го испив и стомак ме скина. Го исфрлив цело пакетче и продолжив по старо. Ни апче ми треба, ни доктор“, вели дедо Трајче.

Трајче низ годините не бара доктор и помош, тој нуди помош за разните неволи што ги
снаоѓаат луѓето. Може да се нарече исцелување, совети или баење, сеедно.
Вaжно дека може, сака и помага, а луѓето ја потврдуваат ползата. Пробале сешто, биле секаде и не нашле лек. Така решиле да пробаат кај добриот човек, Трајче. Секогаш со насмевка, никого не одбива и секого срдечно го прима.
„Сé живо лекувам, жени, мажи, деца, добиток – сé. Почнав со лекувањево откако ми умре жената пред повеќе од 30. години. На сон ми дојде план за баење, за лекување, како да ми дојде како некоја потреба да им помагам на луѓето. Еден сон и почнав да баам, да помагам. Од наредниот ден таа сила се виде дека дава чаре – смета стариот лекувач.
Така над 30 години, до ден-денешен. Доаѓаат по чаре во неговиот дом од секаде речиси секој ден. Разни случаи има, болести, стравови. Им бае, им кажува што да направат и чудо – поминува.

Досега се нашло чаре за многумина. Секого прибира, за секаква мака има илач. Како делува лекот не може да опише. Официјалната медицина работи со нешто конкретно и видливо, материјално, апчиња, вакцини, ножеви. А овде? Ништо не се гледа, нешто невидливо дејствува.

Некаква чудна енергија – добрина.

„Разни луѓе – разни табиети и разни маки. Неженети доаѓаат да се женат, немажени за да се мажат. Им баам на сите да успеат. Има со постојани караници во бракот….“ раскажува дедо Трајче.
„По баењето, ако се за оставање, ќе се остават, ако се за земање – ќе се земат. Најважно што ќе се смират кавгите. Нема да биде како дотогаш“, раскажува Јованоски.
Лек за овој човек е зборот. Користи масло, вода, брашно, киселина, сол… Но, најважни се советите. Тоа што ќе им го каже на несреќните луѓе, само тоа може да им помогне. Сите го слушаат со верба.
Таа во него, во себе и во Господа била најважна да „фати“ лекот. Само ако човек верува дека може да оздрави, само тогаш може да се излечи. Вербата е најважна.
„Доаѓаат оние кои страдаат од уплав од коли, од тепачки, од темнина. Им баам со брашно. Чести се жените без пород. Идат невести дури од Кичево, само деца да имаат.Им баам и имало чаре. А, немале деца по 10, 15, 20 години. И на жената и баам, и на мажот. Кој да дојди му баам за да успее, да имаат деца“, порачува Трајче.

Посетата на луѓето е добредојдена за Трајче, кој живее сам во старата куќа. Така е повеќе од 30. години, по умирањето на сопругата од Долнени.
Вели дека умрела млада од инфаркт, на 60. години, само за три дена на болница. Убаво и сложно го врвеле животот. Без неа стегнал заби и нема предавање. Сам живее. Не му е тешко да готви и пере.
„Баш денеска перев две кебиња на раце и ги ставив да се сушат. Машината се расипа и не ја поправив. Кога можам сам, што ќе ми е машина. Секој ден пијам ракија или пиво.По чаша-две,кога како. Си знам колку ми треба и никогаш не сум бил пијан. Да се опијам – никако. За јадење си готвам, си купувам конзерви, паштети. Некогаш грав си варам, компири со месо.Што ми сака душата, тоа готвам. Готвам разни јадења. Јадам трипати дневно. На ден цел леб и пак не сум здебелен. Слаб сум од дете и таков останав. Не сум сакал да бидам дебел и така терам досега“, раскажува Трајче.

Роден во Ореовец, 1926. година, а во Прилеп дошол 1938., пред војната. Завршил четири одделенија. Учел на српски во Кралството Југославија. Во градов научил занает за ковач.
Потоа заминува во војска при крајот од Втората светска војна. Германците уште давале отпор на Сремскиот фронт во 1945. година, а партизаните се собирале од цела Југославија да ја одбранат земјата. Меѓу бранителите бил и Трајче.
„Бев во 42-та дивизија. Гранати паѓаа и една цврста грутка што се исфрли ме удри в нога. Десет дена лежев во болница во Љубљана. Помина, Господ ме сакал“, се присетува дедото кого сите го бараат за помош.
По војската работел во Мермерен комбинат, ЗИК, по лозјето, во државни фирми. Потоа се зафатил со тутун и со крави. На дете од село не му била тешка работата во полето или со 15-16 крави. Бил неразделен со нив,секој ден, и зиме и лето.
„Ги водев на пасење до Баба Планина над Езерото. Имав таму имот. Сабајлето тргнував, вечерта си идев. Околу четири километри е патот. Одев со маска и шпедитер. Не ми беше
тешко.И сега да имам потреба, ќе појдам. Сега одам до чаршија, до пошта, до касарната, каде што имам потреба да свршам некоја работа“, неуморен е Трајче.

Среќен е што има три ќерки. Две се мажени во Прилеп, третата е во Струга. Често ги
посетува. И тие доаѓаат кај него со внуците. Големо семејство создал.
Иако е сам, не се чувствува осамен, ами како дел од тоа големо семејство. Трајче е скромен. Не бара многу материјални нешта од животот. Зема пензија скромна и не се жали.
„Не е голема, ама доволна. Не ми треба многу. Имам телевизија и радио. Гледам вести, слушам песни. Што ќе кажат – тоа. Друга разонода немам и не сум имал никогаш.Некои оделе по фудбали, „комари“ и такви работи – јас не. Си ја гледав работата и тоа ме интересираше најмногу“, бјаснува стариот прилепчанец.

Со Трајче може долго да се разговара, но дојде млада мајка со дете в раце. Замоли за помош. Трајче рипна од каменот на кој седеше како да е „пердув“ а има 92. години на неговите плеќи. Тргна да бара ново чаре.

Еден на светов е главен

Муабетите за болестите и здравјето немаат крај. Зошто млади се разболуваат, а стари немаат гајле? Има ли некакви неоткриени тајни тука? Можеби вечно ќе останат мистерии?
„Тоа е од Господа. Тој е главен и над сите. Од Него посилен нема“, вели Трајче.

Го видов Тито

„Војска служев 38. месеци. Од Прилеп ме преместија во Битола, потоа на Сремски фронт, Корчула на Јадранско Море, Љубљана, Блед. На Бледско Езеро го видов Тито одблиску.Беше на посета околу проблемот со Трст со Италија. За малку се избегна војна. Тогаш го дадоа Трст да има мир. Оти при сила нема правдина“, се потсетува дедо Трајче, човекот кој живее мирен и спокоен живот но и со желба им помага на сите кои кај него ќе дојдат по помош..

Извор: неделник зенит

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...

Видете следно

(РЕЦЕПТ) Жабуркајте ја оваа течност 60. секунди во устата и сите „наслаги“ од забите ќе исчезнат

Сите ние сакаме да ја задржиме хигиената на устата и да имаме што е можно …