(ВИДЕО+ФОТО) Интервју – Филип Стевановски: Македонскиот музички професор заедно со ВАН ГОГ „држеше“ лекции по музика!

Во светот на музиката е од многу мал, откако знае за себе, но музичкото образование го започнал на шест години.Во основното музичко училиште во Куманово свирел пијано, за да подоцна образование го продолжи во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, инструмент тромбон во класа на проф. м-р Ташко Тодоров и додека бил во средното училиште се надоградувал во Interlochen Arts Academy во Мичиген, Америка и на Конзерваториумот во Берн, Швајцарија. Потоа се запишал на музичката академија на Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, отсек класична музика и џез музика каде дипломирал и магистрирал на инструментот тромбон во класа на проф. м-р Кирил Рибарски. Така започнува целата негова музичка пасија, за да еден ден стане начин на живеење, начин на творење, а со еден збор „живот“.

Како дојде до соработка со „Ван Гог“ и што можеш да кажеш за ова искуство?
– „Ван Гог“ е бенд кој што има оставено премногу зад себе и нема потреба да зборуваме за тоа бидејќи нема кој не знае за нив и за нивната музика. Тоа е РОК бенд кој веќе три децении напорно работи и самото тоа што се толку на музичката естрада кажува за нивниот квалитет.
Нашата соработка испадна многу спонтана и случајна. Ги поканив да бидат дел од KUMANOVO HANGOUT MUSIC FESTIVAL на кој сум во организацискиот одбор и сум уметнички директор на истиот и таму всушност се запознавме и ги разменивме нашите музички искуства.
Таму се случи и поканата за да настапам со нив на Штипската пастрмајлијада 2018 и да бидам дел од нив.
Прекрасно е да се работи и соработува со такви музичари и со таков бенд, првенствено се прекрасни како луѓе и како тим, што за мене е најбитно, бидејќи во музиката многу е важно каков карактер си и каков човек, според тоа и таков музичар си.Ван Гог се големи професионалци, тоа кажува се.

Дали ова значи дека ќе бидеш дел од „Ван Гог“ и понатаму и дали вашата соработка ќе продолжи?
– Нема многу да откривам, но сепак ништо не застанува тука. Нашата соработка само што почна и ќе продолжи понатака и ќе биде взаемна. Имаме некои заеднички планови за кои зборувавме и сигурно ќе се остварат. Најбитно од се е што се најдовме во енергичноста на сцената и нашите енергии се споија. Голема е честа да се соработува со вакви музичари и ваков бенд, кој има создадено правец во рок музиката и кој напорно работи и сите ја сакаат оваа работа и живеат за музиката. Наскоро „Ван Гог“ ќе го издадат и новиот албум што навистина ќе биде едно големо освежување на БАЛКАНОТ.

Зад себе имаш неколку соработки и тоа со врвни уметници – дел си од бендот на Владимир Четкар, ДНК а работиш и со Ѓоко Ѓорчев?
– Точно така, веќе шест години соработувам и сум дел од бендот на Владимир Четкар, кој е мој близок пријател и е исклучителен човек. Со него настапувам како тромбонист. Тој работи многу и резултатот се гледа и го заслужува тоа. Со него настапив на светски џез фестивали како JAVA jazz festival во Џакарта,
Индонезија и Jarasum jazz festival во Сеул, Јужна Кореја, како и на многу фестивали во Македонија и странство.
Голема чест и задоволство е да се биде и дел од ДНК, тоа е едно прекрасно семејство како што ние се нарекуваме и со кое навистина работиме квалитетно, бидејќи сите се професионалци и ја сакаат работата. Со нив настапувам како клавијатурист и навистина ми е огромна чест што сум дел од нив. Сите знаеме
дека ДНК моментално е во ТОП три бендовите во Македонија, публиката не сака, а ние живееме за публиката.

Покрај овие соработки кои ги спомнавме, мора да ја истакнеме и соработката со Ѓоко Ѓорчев. Со Ѓоко се запознавме пред неколку години кога ме покани да настапам на тогашниот џез фестивал во Неготино. Од тогаш па се’ до денес се зближивме и фамилијарно и професионално. Па така испадна и соработката со
мојот бенд „ФИЛИП СТЕВАНОВСКИ БЕНД“, да му биде бенд на Ѓоко Ѓорчев и таа соработка да се оставри на неговата турнеја. Со него го спремаме концертот кој ќе биде на 31 октомври во Македонска Опера и Балет и еве со ова ги поканувам сите да дојдат и да бидат дел од јубилејниот концерт на Ѓоко Ѓорчев.

Работиш како професор во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ Штип и Музичката академија во Штип – што предаваш?
– И во двете институции сум професор по тромбон и камерна музика. Не е лесно да се работи со деца и таа работа си бара посветеност и упорност. Исто така заедно со мојата сопруга Ирена Крстевска Стевановска имаме приватно музичко училиште во Куманово „Виртуал – М“ во кое што едуцираме деца и возрасни и од
година во година сме побројни.

Може слободно да кажеме дека си меѓу најдобрите аранжери и продуценти во Македонија но кој не сака многу да се експонира – можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за оваа твоја дејност?
– Ви благодарам за вашето мислење и за сите епитети кои ми ги дадовте во врска со мојата музичка експонираност, работам како аранжер и продуцент, а воедно и пишувам и моја музика и по некој текст. Како продуцент имам издадено многу албуми, во FIS Production се снимени многу песни, композиции и се направени многу аранжмани. Последно што изработив е една прекрасна композиција на која изведувачот е Ѓоко Ѓорчев и за многу брзо време ќе можете да ја слушнете, музиката е на Сашо Ѓорѓиев, текст на Огнен Неделковски, а аранжманот и продукцијата се мои. Се трудам да постигнам се, но некогаш времето е кратко за да се постигне се’ и да се сработи се, а посебно кога пред себе имаш зададени рокови.

Како, од твој визир,ја гледаш македонската поп, рок и џез сцена?
– Живееме во едно многу тешко време, тешко музичко време можам да кажам. Веќе се ни е достапно на интернет и со еден клик можеме да симнеме каква сакаме музика. Но тоа не е пречка за да престанеме да работиме и твориме, туку напротив треба многу работа за да можеме да ги разбиеме тие граници и бариери
од музиката која ни се сервира да ја слушаме. Немам ништо против било која музика, секоја музика е за почит, но веќе време е да почнеме да се сакаме самите себе во Македонија и да ги почитуваме нашите автори, изведувачи, композитори и сл. Секаде во светот не признаваат и не сакаат, не почитуваат, а
сепак на крај ние самите меѓу себе не се почитуваме. На тој начин ќе одиме напред во секој поглед и на тој начин нашата музика без разлика дали е поп, рок, џез и слично ќе оди во нагорна линија.

Дали Филип Стевановски е рокер, џезер…или едноставно музичар?
– Хахахахаха ова е интересно прашање, што никој до сега ми го нема поставено. Филип Стевановски е првенствено човек, едноставна личност, кој го сака животот, а животот му е семејството и музиката.

Неодамна во Куманово одржавте концерт по повод светскиот ден на џезот, а воедно и „10 години Јубилеј на Филип Стевановски бенд“ какви се важите импресии од целиот концерт?
– Многу ми е драго што токму на светскиот ден на џез музиката јас одржав концерт во мојот роден град, каде што и започна целата моја приказна за ФС бенд. За овој концерт имаше два многу важни поводи а тоа е светскиот ден на џез музиката и 10. години јубилеј на бендот. Импресиите беа прекрасни, но сепак е голема одговорност да настапиш пред своите најмили и пред својот град,бидејќи тие се најголемите критичари. Концертот беше прекрасен, публиката задоволна, не вратија на бис што значи дека навистина таа вечер сите уживаа.
Морам да напоменам за концертот дека беше објавен на официјалната страна на International jazz day, заедно со најголемите џез имиња од светот, а исто така и Куманово влезе во градовите каде се одржува џез културата и го слави овој светски ден на џезот,а се надевам и Ви ветувам дека секоја година на овој ден ФС банд ќе одржува концерт во Куманово.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...

Видете следно

Во среда е најголемата македонска слава – Свети Никола!

Во среда православните верници во Македонија ја чествуваат најчестата слава во македонските домови, Свети Никола. …