„Requiem Aeternam“ овој петок со Македонската филхармонија

По подолго време, Македонската филхармонија повторно ќе го изведе грандиозниот „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт, едно од најкрупните дела во класичната музика. Овој петок, на 4 мај во 20 часот, под диригентство на миленикот на македонската музичка публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, Моцартовото генијално дело ќе биде изведено на симфонискиот концерт насловен „Requiem Aeternam“, од страна на оркестарот на Македонската филхармонија, хорот при Факултетот за музичка уметност подготвен од маестро Сашо Татарчевски, како и солистите: Ким Лилијан – Стребел – сопран од Швајцарија, Мартин Ванберг – тенор од Шведска, Николина Јаневска – мецо-сопран и Владимир Саздовски – бас.
Наедно, на овој концерт ќе бидат изведени уште две импресивни дела – „Моц-арт ала Хајдн“ од Алфред Шнитке, на кое како солисти ќе се претстават виолинистите Владимир Костов и Владимир Крстев, како иМасонска погребна музика од Моцарт.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти низ светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 година е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата Личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100 најдобри професионалци за 2012 година.

„Откритие на вечерта“, ќе напише „Бадише цајтунг“ за британската певица, сопранот Ким Лилијан-Стребел од Швајцарија, за чии настапи постојано добива високо позитивни критики. Во текот на минатата година, таа оствари голем број деби-настапи во врвни продукции во Синсинати, Берлин, Фрајбург… Во ансамблите на театрите во Фрајбург, Базел, Виена, Берлин…, Ким-Лилијан има стекнато богатство од сценско искуство и широк репертоар, вклучувајќи ги и улогите на Микаела („Кармен“), Фјордилиџи („Така прават сите“), Евридика („Орфеј и Евридика“), Прва дама и Папагена („Волшебната флејта“), Николета („Вљубен во три портокали“), Мусета („Боеми“)… Бројни се и нејзините концертни настапи со симфониски оркестри, а неодамна го направи концертното деби со Симфонијата на Атланта, со симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, со оркестарот „Тонхале“ во Цирих, меѓу другото настапувајќи и во Моцартовиот Реквием. Ким Лилијан е родена во Лондон, но растена во Швајцарија, а студирала на Кралската академија за музика и Кралскиот конзерваториум на Шкотска.
Шведскиот тенор Мартин Ванберг дипломирал на Оперската академија во Копенхаген во 2010 година. Уште за време на студиите одиграл значајни улоги, а во 2011 година дебитирал во Операта во Гетеборг како Оронте во „Алчина“. Оттогаш редовно настапува во европски и светски оперски куќи и престижни фестивали за класична музика. Дел од неговите улоги се грофот Алмавива во „Севилскиот берберин“, Лисандер во „Сон на летнатата ноќ“, Питер Квинт во „Свртување на шрафот“ и посебно во опери на Моцарт и Хендл. Досега учествувал и во голем број современи опери и концертни дела. Неговиот репертоар е значително голем, вклучувајќи дела од Бах, Бритн, Хендл, Хајдн, Менделсон, Монтеверди, Моцарт, Персел, Вивалди…
МецосопранотНиколина Јаневска дипломира со највисока оценка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Весна Гиновска-Илкова. Уште за време на студиите таа освоила неколку први награди на државни и интернационални натпревари, стекнувајќи се и со богато концертно искуство во земјата и во странство. Во Македонската опера и балет дебитира во 2012 година, каде што моментно е вработена како солист. Иако е млад оперски солист, Јаневска досега учествувала во бројни оперски продукции, толкувајќи главни и епизодни улоги. Меѓу позначајните се вбројуваат: Дорабела („Така прават сите“), Церлина („Дон Џовани“), Олга („Евгениј Онегин“), Фенена („Набуко“), Никлаус („Хофманови приказни“), Мерцедес („Кармен“)… Минатата година оствари голема турнеја низ Кина, а својата наобразба ја продолжува активно во Италија.
Бас-пејачот Владимир Саздовски дипломира на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија во класата на доц. Нико Исаков, а потоа остварува двe годишна специјализација во Виена на Државниот универзитет за музика и уметност како стипендист на CEE Musiktheater.Магистрира во класата на маестро БорисТрајанов. Во 2006 година дебитира во Македонската опера и балет во операта „Волшебната флејта“ како Свештеник, Говорник и Втор маж во оклоп, а истата година ја пее и улогата на Фараонот во операта „Аида“ за отворањето на 34.„Мајски оперски вечери“.Во „Schlosstheater“во Виена дебитира во операта „Дон Џовани“ во улогата на Комендаторе. Неговиот репертоар,меѓу другите,ги содржии улогите на Али во операта „Италијанката од Алжир“,Спарафучил во „Риголето“, Зарастрово „Волшебната флејта“, Дулкамара во „Љубовен напиток“,Рамфис во „Аида“, Падре Гуардиа ново „Моќта на судбината“, Тимур во „Турандот“, Лепорело во „ДонЏовани“, Мефистово „Фауст“, Лутер и Креспелво „Хофмановиприказни“, Рајмондово „Лучијади Ламермур“ и др. Надвор од земјата, настапил во Тирана, Токио,Дубровник, Џакарта,Софија, Германија, Италија…
Виолинистот Владимир Костов студиите ги завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје,во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрирал, а стручно се усовршувал кај повеќе истакнати педагози од земјата и од странство. Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати бил избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли. Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија,Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска.Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолинфест“.Моментно е концерт-мајстор во Македонската филхармонија, а работи и како доцентна ФМУ.
Виолинистот Владимир Крстев дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Зоран Димитровски. Има освоено три државни награди и признанија од кои несомнено се издвојува наградата „Јамаха“ (1998) за најдобар инструменталист на генерацијата. Забележителни се неговите солистички настапи на фестивали во земјава и во странство, но и како солист со Македонска филхармонија, а член е и на камерниот состав „Мјузик прогресив квартет“ со кој настапил во САД, Канада, Русија, Австрија, Италија, Луксембург, Бугарија, Србија. Крстев членува и во други камерни ансамбли, а како инструменталист реализирал повеќе аудиоизданија со голем број македонски групи кои негуваат различни видови музички жанрови. Вработен е во Македонската филхармонија како водач на втори виолини, а се занимава и со педагошка дејност.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Документацијата од „Струшки вечери на поезијата“ предадена на Државниот архив

Целокупната документација на Меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата, предадена во Државниот историски архив. …