Знам дека Дино посебно се радуваше на неодамнешниот концерт во Загреб што резултираше со договор со менаџерската куќа Кристофориум Арт. Што значи тоа за натамошната кариера?
Дино: Многу нови можности. Но, динамиката ја диктира мојата уметничка визија која не толерира компромиси. На моја радост, Кристофориум Арт ја препозна таа визија и ја надополнува со своето високо професионално делување во својот домен.
Дијана, како еден диригент се пробива во класичната музика и поради што доаѓаат тие покани кои ги добиваш да работиш со врвни ансамбли?
Дијана: Сите свои успеси ги должам на тоа што во секоја укажана можност сум го дала својот максимум, па така една покана водела кон друга. Сведоци сме на многу брзи и вртоглаво успешни кариери во светот на музиката, но како доаѓаат успесите така и си одат. Затоа многу поважно е
уметникот да се движи можеби побавно, но со многу љубов и вистински квалитети.
И двајцата сте скромни и тивки но бележите успеси. Која е енергијата која ве движи понатаму да чекорите одважно и смело?
Дијана: Љубовта е единствената движечка сила која секогаш ме движи напред, колку и да ми е тешко или лесно. Пред се љубовта и поддршката од моите најблиски и моето сакано семјство, секако љубовта кон музиката и уметноста која е неисцрпен извор на позитивна енергија, инспирација и
радост кон животот.
Дино: Би се согласил потполно со Дијана, а би додал дека особено важно е да се најде сопствената смисла која лежи во центарот на сопственото делување. Секој од нас има своја приказна и љубовта и мирот ги наоѓа во различни нешта.