Македонија денеска одбележува 37 години од раѓањето на најголемата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25.ти јануари во 1981.та, а својот музички талент го покажал уште во 1992. година, кога настапувал со песна на влашки јазик на фестивалот “Златно славејче”.
Својата музичка кариера, Тоше ја започна со настапот на прилепскиот фестивал “Мелфест” во 1997 година, победувајќи со песната “Yesterday” од Битлси, а неговите песни на почетокот од кариерата – “Усни на усни”, “Сонце во твоите руси коси”, “Пушти ме” (1997) и “Остани до крај” (1998) засекогаш ќе останат запаметени во македонската музичка историја.
Тој во 2004 година настапуваше како претставник од Република Македонија во Истанбул, и го освои 14-то место со песната “Ангел си ти (Life)”.
Тоше ја доби хуманитарната награда “Мајка Тереза”, а во 2004 година беше именуван за регионален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.
Неговиот последен концерт се одржа на 5-ти октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје. Концертот беше посветен на ревитализација на македонското школство, а на истиот беа присутни повеќе од 40 илјади посетители.
Тоше Проески загина на 16-ти октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија,а денот на неговиот погреб, 17-ти октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост.
Денеска, во неговиот роден град Крушево ќе се одржи музичка манифестација во организација на локалната самоуправа, а голем број на обожаватели од Македонија и од Балканот пристигнуваат за да го одбележат роденденот на Тоше и да докажат дека тој живее во срцата на сите нас.