(ФОТО) Репертоар на Театар за деца и младинци од 23. до 26. ноември

23.11. „Мачорот во чизми“
Неуморниот патник, бистриот и брлив мачор Макс, почнува нова животна авантура.
Во моментот кога неговиот газда, стариот воденичар, го напушта овој свет, тој една вечер сосема случајно ќе ги спаси волшебните чизми Енесија и Акајсија од мрачната пештера на злобниот вештер Ужвекс. Ѕверот волшебник поради тоа почнува да го уништува кралството. Без чизмите ја губи волшебната моќ. Со помош на неговиот помошник, Кенгурот Џексон, кој игра, оди и пее како
поп-иконата Мајкл Џексон, прават пакосен план со цел да си ги врати чизмите.
Мачорот Макс останува да живее со Каспер, најмладиот син на воденичарот. Макс му ветува дека ќе го ожени за принцезата Сесилија во знак на благодарност што од целиот имот на татко му тој го избрал него. Ѕверот Ужвекс дознава за нивната цел и тој со Џексон ја граба принцезата Сесилија со цел да го намами Макс да дојде во неговата пештера со чизмите за да може да си ги задржи за
себе.
Улога на Мачорот Макс ќе ја игра Мартин Јорданоски кој рече дека режисерот се впуштил во голема задача – да спои во едно магионичарски трикови со театарска претстава што, смета тој, е комплицирано да се направи.Во актерската екипа се и: Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова, Мики Анчевски, Ана Левајковиќ-Бошков, Ненад Митевски, Винета Дамческа-Мојаноска и Владимир
Лазовски.
24.11. „Гига мега бајка“
„Гига мега бајка“ е нова приказна која ни доаѓа од старите приказни. Четири актери кои не можат да ја почнат претставата „Пинокио“ зашто им фали актерот кој го игра Пинокио почнуваат да смислуваат своја приказна. Во паника но со многу фантазија ги раскажуваат познатите бајки и една своја и ги спојуваат во брза, смешна, забавна и поучена бајка – Гига мега бајка. Па така Црвенкапа го
пресретнува Волкот и го кара зашто работел со мотика во дворот на баба и’.
Тој е градинар кој само сака да живее во мирна и тивка градина и сака да помага на Бабата. А Бабата пак знае карате, Џит-Кун-До и Џиу-Џицу и на Волкот му одржува дебела лекција па тој исплашен сака да избега од својата приказна.
Си заминува и ја среќава Поспаната Убавица со која тргнуваат во потрага по златната мотика и големата книга на знаењето…
Играат: Бојан Кирковски, Симона Спировска, Мартин Јорданоски, Мики Анчевски.
Сите претстави почнуваат во 19. часот, освен во недела -12:30 часот.
Цена на билетите е 200. денари.
25.11. „Бајка за царот Нај“
Во една далечна земја живеел добар, мудар, силен, млад и убав цар. Но, тој наместо да зборува рикал како лав и кај луѓето предизвикувал страв. За да најде лек за својата мана царот патувал години седум низ триесет и три земји редум. По пат наидувал на чудесни предели, ама и на непрегледни пустини, непроодни планини и реки; среќавал чудни луѓе и уште почудни животни. Откако поминал и низ Земјите на Темнината, на Лалињата, на Криновите, на Џиновите и побегнал од Земјата на Дебелковците, пристигнал во Земјата на Модрите Луѓе. Таму, страшниот црвен змеј паднал мртов кога ја чул неговата рика и во тој миг царот проговорил со човечки глас.
Дочекот на царот во неговото царство бил величествен. Десет дена сите ѕвона без престан ѕвонеле и насекаде одекнувале радосни извици:
– Да живее нашиот цар “Нај”!
А тој пак често се сеќавал на зборовите на Желбаш од прекрасната земја Желбадаж и на Вилдон, царот на сите вилимени: “Добрина во срцето имај ти, патот пред тебе ќе се отвори” и “Среќа тебе даде – среќа мене иде”.
Среќата им се насмевнува на оние кои имаат добрина во срцето и кои таа добрина ја подаруваат на другите. Така, по извесно време пред царот одненадеж се појавила девојката Сончев Цвет која ја сретнал и во која се вљубил на почетокот на патувањето.
А што се случило потоа? Досега не се чуло за поубава, пораскошна и повесела свадба од таа на Сончев Цвет и Царот Нај.
Играат:Бојан Кирковски,Катарина Илиевска Силјановска,Ненад Митевски,Емра Куртишова,Симона Спировска,Винета Дамческа,Мики Анчевски,Мартин Јорданоски.
26.11. „Волшебникот од Оз“
Светски познатиот филмски мјузикл, под режисерската палка на реномираниот бугарски режисер Боњо Лунгов, беше пренесен и прераскажан во вид на детски театарски мјузикл и на нашата сцена.
Авантурите на девојчето Дороти, маестрално одиграно од Нина Деан Гачиќ, девојче кое од својот роден Канзас залутува во волшебната земја од приказните наречена Оз, одлично се проткаени со прекрасни оригинални сонгови и видео проекции од кои застанува здивот. Сакајќи да се врати дома, по патот што води до големиот волшебник ги запознава своите идни пријатели страшилото, лимениот човек и лавот. Заедно со нив успева да ги совлада сите пречки поставени од лошата Западна Волшебничка, феноменално одиграна од Тања Павловска Кочовска. Режисерот, заедно со актерската екипа, мајсторски успева на децата да им ја всади важноста од универзалните човечки особини, како што се мудроста, способноста да се сака и храброста.
Играат: Нина Гачиќ Деан (к.г.),Татјана Павловска Кочовска,Ана Левајковиќ-Бошков,Мартин Јорданоски,Ефтим Трајчов (к.г.),Мики Анчевски,Марија Ѓоријовска,Драган Довлев.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Слушачка промоција на бендот „Red18“ – за гостин најавен “Димиш”

Откако „Red18“ го издадоа албумот Red18’s Grit, ја закажаа и нивната слушачка промоција на албумот, …