(ФОТО) Репертоар на Македонски народен театар, од 22. до 26. ноември

22.11. „Животот е прекрасен“
Драмскиот текст „Самоубиец“ на Николај Ердман е еден од најконтроверзните писателски остварувања на дваесеттиот век. Напишан е во 1928 година, а за првпат во СССР е поставен во 1987 година. Зошто? Зошто повеќе од 60 години една пиеса може да биде забранета, и покрај силните залагања на МХАТ и театарот на Мејерхољд? И покрај застапувањата на Мејерхољд, Станиславски, Луначарски, Горки и Булгаков, комунистичкиот режим ја држел оваа пиеса под тотална цензура. Во историјата на светската драматургија познати се повеќе примери во кои тоталитарните режими забранувале пиеси, автори или претстави. Секогаш причината е иста. Неподобност на мислата на авторот, неподобност на темата, неподобност на пораката и сознанијата што драмскиот текст/автор/претстава ги испраќа на публиката. Ако речеме дека работата на драмскиот автор е да го фати ѕверот за врат и да го издигне високо над масата народ, бидејќи иако е тој тука, масата може да биде слепа и да не го препознае, Николај Ердман очигледно многу високо го подигнал ѕверот за врат, толку високо што станал преопасен за еден затворен, едноумен систем во кој слободната мисла мора да биде санкционирана.
Има зошто оваа драма била забранета, но има и зошто оваа драма да ја живее својата бесмртност. Николај Ердман по „Самоубиец“ не напишал ниту еден драмски текст. Драматуршката адаптација на драмата „Самоубиец“ насловена како „Животот е прекрасен“ е на режисерот Александар Морфов и таа доследно ја следи сижетната линија на оригиналниот драмски текст, но на еден извонредно духовит и интелигентен начин внесува многу живост и динамика во сцените, репликите и драмските ликови.
Играат:Семјон Семјонович Подсекаљников – Никола РИСТАНОВСКИ
Марија Лукјанова – Николина КУЈАЧА
Серафима Илинична – Звездана АНГЕЛОВСКА/Биљана ДРАГИЧЕВИЌ – ПРОЈКОВСКА
Александар Петрович Калабушкин – Сашко КОЦЕВ
Маргарита Ивановна – Тања КОЧОВСКА
Аристарх Доминикович Гранд Скубик – Емил РУБЕН
Виктор Абрамович – Гораст ЦВЕТКОВСКИ
Сергеј Александрович – Славиша КАЈЕВСКИ
Григориј Пугачов – Никола АЦЕСКИ
Алексеј Стаканов – Александар ЃОРЃИОСКИ
Клеопатра Максимовна – Арна ШИЈАК
Раиса Филиповна – Тина ТРПКОСКА
Отец Елпидиј – Александар МИКИЌ
Федја Петунин Глувонемиот – Никола СТЕФАНОВ
23.11. „Разговори во четири очи“
Ако овој Бергманов роман мора да се дефинира како еден клучен мотив, тогаш тоа би било — соочување. Во претставата Разговори во четири очи главниот лик во приказната, Ана Бергман, се соочува сопствените избори и одлуки, со последиците од животот во мачниот брак, исполнет со тешкотии, со насилство, со чувство на вина и патење. Така, сликата на една традиционална заедница, претставува и соочување со сопствената историја, минатото и идентитетот. Напишан во форма на роман, Разговори во четири очи ја поседува структурата која сосем одговара на театарскиот израз. Возбудливи, поетични и емотивни, петте делови и епилогот се како самостојни микродрами, прецизно поставени спротивставувања и исклучително слоевити и комплексни односи. Иако станува збор за свештеничко семејство во провинцијата на Шведска на почетокот на XX век, Бергмановото семејство е универзално и вонвременско. Низ споменатите сегменти, по пат на мозаик, првенствено се крои деликатен портрет на една жена, но и слика на препознатливи генерациски конфликти, архетипски конфликти меѓу сопружниците, родителите и децата. Разговорите се интимен однос кон минатото, обид да се заземе дистанца спрема ситуацијата за која сме лично врзани, со цел откривање на нова перспектива и толкувања на сеќавањата, без оглед на тоа колку е болно. Среќавањето на Ана Бергман со личностите кои го дефинирале и обликувале нејзиниот животен пат (свештеникот Јакоб, сопругот Хенрик, мајката Карин и љубовникот Тумас) истовремено се нејзино потсетување на храброста, дрскоста и слободата кои со времето ги имала изгубено. Разговорите во четири очи го истражуваат прашањето за способноста и силата на поединецот да преземе контрола над сопствениот живот и да ги признае направените грешки. Оваа приказна е горко сознание за изгубеното време, пропуштените прилики, свесното жртвување и соочување со она што сме биле некогаш, што сме можеле да бидеме и она што сме.
Играат:Амернис Нокшиќи – Јовановска,Нина Деан,Петре Арсовски,Оливер Митковски/Благој Веселинов,Дарја Ризова,Катина Иванова,Дамјан Цветановски .

24.11. „Копање“
Делата на Франц фон Штролхен се како географски, така и политички современи документи и ја тематизираат границата меѓу реалноста и фикцијата. Како појдовна точка за „Копање“, Франц фон Штролхен го зема текстот на австрискиот драматург Кристијан Винклер за да ги обработува општествените јазови и прашањето за нивно надминување.
Двајца пријатели, што не се виделе шеснаесет години, се среќаваат во еден осамен предел на село, придружени од трето лице, за да ископаат бунар. Притоа тие разговараат, но истовремено и го премолчуваат заедничкото минато, нивната поврзаност, но и нивното раздвојување. Во еден перформанс со силни визуелни елементи, чинот на копање ќе стане физички двигател на актерите, кои притоа не само што навлегуваат во актуелни политички конфликти, туку и обелоденуваат општествени фронтови и нивните механизми воопшто. Дали е воопшто возможно преку заедничката активност, копањето, да создадат нов слободен простор за заедништво или јазовите на крај ќе станат уште поголеми? Дали дијалогот меѓу едниот и другиот е сѐ уште возможен? Франц фон Штролхен уште во ФИКШАНАЛ СТЕЈТ ― Трилогија на соживотот дел 3, заедно со македонските актери го истражува прашањето за идентитетот и новите утопии на соживот. Во „Копање“ тој продолжува со уметничкото истражување на локалните и глобалните феномени и развива привлечен перформанс полн со изненадувања и визуелни повеќезначности.
Играат:
Гораст – Гораст Цветковски
Ивица – Ивица Димитријевиќ
Алек – Александар Ѓорѓиески
25.11. „Силјан штркот шанца“
Веројатно токму и поради авантурата и перипетиите во кои се преплетува светот на реалноста и фантастичноста, не случајно е одбрано таа магија на театарот да се отвори/разоткрие со Силјан Штркот! Премиерно прикажана на 21 април 1946 година, Силјан Штркот живее 70 години на сцената на МНТ, најпрво во драматизација на Петре Прличко, според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а сега во драматизација на Дејан Дуковски, потпирајќи се и продолжувајќи ја таа традиција. Силјан Штркот започнала преку изработката на куклите и режијата на Светлана Малахова, и продолжува да живее денес преку маските и музиката режирани и водени од Срѓан Јаниќијевиќ. Некогаш се изведувала со куклите раководени од актерите Ратко Гавриловиќ, Јордан Георгиевски, Тома Киров, Марија Мачевска, Деса Прличкова, Вера Филипова, Благоја Црвенков, Добрила Иванова, Трајко Чоревски, Цветанка Јакимовска…., а денес живее преку живата игра на актерите.
Играат: Силјан – АЛЕКСАНДАР МИХАЈЛОВСКИ,Божин – НИНО ЛЕВИ,Евда – МАРИЈА НОВАК / МАГДАЛЕНА РИЗОВА – ЧЕРНИХ,Велчо – ИВИЦА ДИМИТРИЈЕВИЌ,Силјаница / Си Биле – НИНА ДЕАН,Еснафот – АЛЕКСАНДАР ЃОРЃИЕСКИ / СЛАВИША КАЈЕВСКИ,Духовникот – ВИСАР ВИШКА,Клајк – КИРЕ ЃОРЕВСКИ,Клајковица / Чуле – АНА СТОЈАНОВСКА,Сиве – ТИНА ТРПКОСКА,Пијаницата – КИРЕ ЃОРЕВСКИ,Трпе – НИКОЛА АЦЕСКИ.
26.11. „Кец на десетка“
Кога едно сосема нормално семејство ќе се собере за да се запознае со идниот зет, се очекува секој да даде се’ од себе, да ги смири своите човечки слабости, ако ги има, нели, да ги потисне внатрешните проблеми, не толку сјајните карактерни особини, фактот дека можеби сте пред развод… Се очекува да оставите максимален впечаток на другата страна, до степен да се прашува со што ја заслужил таа неверојатна среќа да ве сретне токму вас како прибежиште, како иднина, како судбина…
Целта не ви е да ја доведете конкретната персона во заблуда но доколку персоната се доведе сама, вие не сте виновни! Најважно за такви ситуации е да не се дозволи ни случајно работите да излезат надвор од контрола, тоа, никако, не! И затоа, секој од присутните треба да направи сѐ што е во рамки на неговите можности за да не дојде до такво нешто.
Ситуациите од таков тип имаат силен комичен потенцијал. Темата ни е блиска на сите нас и во случајот, се разбира, функционира како комедија. Извадено е на површина се што е комично а тоа го има во изобилство, било како глума, било како свежи и сочни дијалози, било како општа приказна. Хуморот е спонтан, природен и брзо освојува. Сцената лесно комуницира со публиката.
Мисијата е многу едноставна: публиката да дојде, да ужива во претставата, да си отиде насмеана и задоволна, а утре на работа или во школо да каже каде била и колку убаво си поминала.
Играат: Таткото Доксе – Александар Микиќ,Мајката Грациела – Тања Кочовска,Ќерката Ана – Нина Деан,Тоше – Ивица Димитријевиќ.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МНТ: ЗАМИНА НАШИОТ ТРАЈЧЕ ЃОРГИЕВ (1967 – 2023)

Со огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на нашиот колега и пријател – актерот …