Оскаровецот Морган Фримен во неодамнешното интервју за “Business Insider” зборувал за својот пристап кон самодисциплината која за него има некој вид на војничка строгост и која му овозможува да биде витален и во животот и во кариерата.
“Вежбањето е дел од таа дисциплина. Начинот на кој јадете е ваша дисциплина. Се трудам да не се прејадувам. Една од работите која ја открив е дека прејадувањето е навика, а не нужна потреба. Затоа е многу подобро јадењето да го сведете на потреба”, изјавил Фримен.
Тој ги споредил прехранбените навики на современото американско општество со прехранбените навики некогаш кога дебелината била ретка, а работата била физички понапорна поради што храната претставувала “гориво”.
“Знаете дека во САД има повеќе дебели лица отколку на друго место. Тоа е поради тоа што постојано се јаде. Во периодот кога сите работеле физички напорни работи, кога за работата користеле мотика, секира и различни видови алат, работниците правеле пауза за јадење за да имаат енергија. Денес се случува да станете наутро, да измиете заби, да се облечете, да возите до работа и да седнете пред компјутерот”, вели тој.
Серијата на Фримен, “The Story Of Us”, која има шест епизоди го следи актерот кој патува ширум светот со цел да разговара со познати луѓе, вклучувајќи и јавни личности како Бил Клинтон или Надежда Толоконикова од групата “Pussy Riot”.
Фримен, за “Business Insider” ја опишал серијата како обид за намалување на тензијата помеѓу луѓе кои не се познаваат.