10. Фестивал на европска литература „BOOKSTAR“

Во периодот од 30 септември до 3 октомври под слоганот „Преобразба“ ќе се одржи јубилејното 10-то издание на фестивалот на европска литература „BookStar“.

Во име на книжевноста, која пркоси на стандарди и норми, приказни кои проникнуваат уметност и порив за промени, „BOOKSTAR“ со ова свое јубилејно издание сака да поттикне промена која од страниците ќе се преслика директно во општеството, преку читателот.


И оваа година ќе нè посетат врвни автори коишто зборуваат за најразлични тематики. Тие обработуваат теми широкогради како општеството, но се нурнуваат и во човечката длабочина. Oва е годината кога ги славиме промените и славиме многу јубилеи. Оддаваме почит на еден од култните европски писатели, Франц Кафка, во годината кога се прославува еден век од неговата смрт.

Прочитајте, дојдете, видете, поразговарајте! Ова е поттик за мала метаморфоза во вашето секојдневие. Бидете дел од промената на културната сцена. Оваа година играме со зборовите, играме со литературата и играме со настаните. Како заокружување на овој јубилеј, имаме програма на незаборавни настани каде за секој посетител има по нешто, се вели во објавата од организаторот на настанот, издавачката куќа „Антолог“.


Во периодот од 30 септември-3 октомври секој има право да ја доживее метаморфозата преку средбите со авторите на „BookStar“!

Програма за денес:


30 септември, 11.00 – Градска библиотека „Браќа Миладиновци“
Детска програма: „Другарче“
Креативна работилница со Ана Голејшка-Џикова

30 септември, 17.00 – Лабораториум
Поткаст „Гол ручек“ со Душко Крстевски и Жозе Луиш Пејшото (Португалија)

30 септември, 18.00 – Лабораториум
Поткаст „Гол ручек“ со Душко Крстевски и Здравка Евтимова (Бугарија)

30 септември, 19.30 – Лабораториум
Отворање на 10-от Саем на европската литература
Презентација на проектот MEPD и книги со Брајово писмо
Отворање на изложбата на детски цртежи на тема „Другарче“
Коктел и запознавање на гостите

30 септември, 20.00 – Лабораториум
Отворање на фестивалот „BookStar“ 2024
„Писателот зборува“ – свечена реч на Румена Бужаровска (Maкедонија): „Каде сме сега?“
„Книжевна студија за траумата и истрајноста“
Разговор со авторките Паола Перети (Италија) и Мирженка Чехова (Чешка)
Модератори: Билјана Црвенковска и Драгица Стаменковиќ

30 септември, 21.00 – Лабораториум
Диџеј сет на Ogipsilon/Sure Shotz – специјален настан

Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Комеморација во чест на оперската првенка Ирена Кавкалевска (1973-2024)

Денес, со почеток во 10:30 часот на големата сцена во Националната Опера и Балет, ќе …