(ФОТО) Чистењето на градот Скопје продолжува во Карпош

Градот Скопје, како дел од краткорочните мерки за намалување на загадувањето, ќе го продолжи чистењето на градот, а следниве неколку денови ќе се чисти територијата на општина Карпош.
„Една од причините за загадување на воздухот е отпадот низ парковите. Ова е продолжение на акцијата за чистење која беше спроведена изминатиот месец во Чаир, Бутел и Шуто Оризари, како реони каде што најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ10 честички во воздухот“, изјави претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Градот Скопје преку Секторот за комунални работи и ЈП „Паркови и зеленило“ поради поволните временски услови ја почна и реализацијата на Програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје.
„Паралелно со чистењето, на следниве локации работиме и на зазеленување на парковите, реконструкции на тревни површини и реконструкција на системите за наводнување и поставување нови на места каде што никогаш немало поставено прскалки. Па така се реконструираат тревните површини во Градски парк на две локации: езерцето кај Стадионот и површината спроти паркингот пред Фонтана и влезот во Градскиот парк, како и тревната површина на Кејот на реката Вардар и зелената површина зад МКЦ. Хортикултурно се уредува јавна површина и се подига нова парковска површина на бул. Втора македонска бригада, бул. Македонско-косовска бригада, бул. Христијан Тодоровски – Карпош и на ул. Самоилова“, посочи Љубица Јанчева.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, нагласи дека приоритет на Градот е подобрување на животната средина, а тоа ќе го постигнат со надоместување на изгубеното зеленило и дополнително зголемување на парковите и дрворедите во сите општини во градот.
„Започнуваме координирана акција заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ за чистење на меѓублоковско зеленило, за отпад меѓу станбените згради, собирање и транспорт на лисјата од јавните површини, кастрење на исушени гранки и грмушки. Целта е да го исчистиме Карпош и полека да се подготвуваме за зелената офанзива која ќе започне на пролет во Општината“, изјави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Акцијата ја изведува градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ со целиот свој расположлив човечки и технички потенцијал.
Кон крајот на минатата година Градот Скопје организираше чистење и беа отстранети над 3.000 кубни метри смет од парковите и улиците во Скопје. Целиме ваквото чистење да прерасне во редовна пракса и зеленилото и улиците низ градот да бидат постојано чисти.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

loading...

Видете следно

(ВИДЕО) Не сообраќајна – Ние немаме човечка култура!

Срамно е тоа што се случува по скопските улици… Не е во ред да се …